Огромни штети на посевите во коњарско
За еден ден се поднесени преку 200 барања за обесштетување на земјоделците од селата Мало и Големо Коњарии и од Варош за штетите невремето проследено со силен град при што беа уништени посевите под тутун пиперки, жито и други култури. Комисијата за проценка е на терен и ги вреднува штетите од невремето. Рокот за пријавување на штетите е до трети август.
– Очекуваме да стигнуваат барања за обесштетување на земјоделците од погодените реони. Само за еден ден се поднесени преку 200 барања. Во 90 отсто станува збор за стоотстотна штета на тутунот – вели Жарко Северкоски, претседателот на комисија за штети.
Земјоделците бараа прогласување на елементарна непогода и штетите на преку 600 хектари земјоделски култури да им бидат надоместени сто отсто.
На поголемиот број од околу 1000 семјества на земјоделци од селата Мало и Големо Коњари, месноста Орде Чопела и Варош земјодлеството им е единствен приход за егзистенција. Од градоначалникот Илија Јованоски бараа итна државна интервенција
– Земјоделци сме цели фамилии со деца. Живееме и егзистираме од тутунот, пиперките, пченицата… Бараме да не останеме само на зборови, туку државата веднаш да реагира кога сме беспомошни – рече еден земјоделец од Мало Коњари.
– Имаме за плаќање здравство, пензиско, даноци… Од кои пари ќе плаќаме? Десет декари тутун и 8 пипер се живот за моето шестчлено семејство… Катастрофа – вели Сашо Трајкоски од Мало Коњари.
Земјоделците се резигнирани на односот на осигурителните компании кои не сакале да го осигуруваат родот или пак нереално ја плаќале оштетата.
– Осигурителните компании се мајтапат, си играат со нас. Не гледаат бенефит и нé избегнуваат – објаснува Дејан Чавески од Мало Коњари.
Градоначалникот Јованоски ќе побара од Министерството за земјоделство прогласување на елементарна непогода и земјоделциите да се ослободат од плаќањето на сметките за наводнување.
-Ќе барам прогласување на елементарна непогода, затоа што проценката на штетите е најголема – рече Јованоски.
Земјоделците ќе се обесштетат и на нивите со нерешени имотно правни односи, каде нема имотен лист.
Од ПЕ на Министерството најавија разгледување на можноста за враќање на градобијните системи.