ОЧИТЕ ДА МИ ПАРАЛДИСААТ?!

ivce1Години, децении поминале откако ја слушаме песна – ,,Со маки сум се родила,,. Прекрасна елегија. Песна со таговна мелодија, слушана со задоволство. Има тука еден збор што не е јасен. Сме консултирале многу луѓе, сме се распрашувале и кај многу музичари. Не сме успеале да добиеме точен одговор. Еден стих од песната гласи – ,,Очите да ми паралдисаат, сонцето да не го видам,,. Ете, токму тој збор – ПАРАЛДИСААТ  останува нејасен до денеска. Од контекстот се подразбира дека станува збор за желба да се помрачат очите. Да не можат да гледаат. Сме го слушале овој збор во една поинаква ситуација, со поинакво значење, напишан – ПАРАЛТИСУВА (со ,,Т,,), а не ПАРАЛДИСААТ (со ,,Д,,). Овој збор го употребуваат одгледувачите на гулаби. Претпоставуваме дека тој збор е од турско потекло. Но, големо прашање е дали нашиве луѓе правилно го изговараат и го пишуваат. Гулабарите го употребува со специјална потреба. Кога летаат гулабите високо, а сопственикот сака да ги прибере, тогаш му дава ПАРАЛТИЈА. Пушта неколку гулаби ниско по покривите, тоа ги примамува оние што летаат и така слегуваат долу, се прибираат. Тоа слетување се вика ПАРАЛТИЈА, гулабите ПАРАЛТИСУВААТ. Гулабарите го употребуваат без да им е важна етимологијата, потеклото. Ние сме се мачеле да најдеме некаква врска со оној збор од песната, но не успеавме во тоа. Не се  најдува потеклото и буквалното значење – ПАРАЛДИСУВА. Во речниците не сме го сретнале. Штета е да не се знае потеклото и вистинското значење. Песната е толку позната, толку убава, толку слушана, а ете не знаеме што значи – ,,Очите да ми паралдисаат,,. Убаво би било ако има некој некое толкување, да се јави. Ете, не успеавме да го разбереме буквалното значење на овој збор.

Постои друга песна и друг збор што создава недоумица. Во една песна постои стих – ,,Ти ќе јадеш рудо јагне,, ,а друга: ,,Да ти видам бело лице и рудото ти грло,,. Имено, зборот РУД (рудо, руда) ја создава односната недоумица. Во Речникот одбележан е зборот РУД со две значења – ЦРВЕНИКАВ и КАДРАВ. Кога ќе се рече дека зората РУДИ, значи дека зората црвенее. Нели е така во мугрите?! Кога ќе чуеме за РУДИ овци или РУДО јагне, значи кадрави овци. Со кадрава волна. Значи, за зората и за овците јасно е значењето на зборот – РУДИ. Кај овците тоа е придавка, а во случајот кај зората е глагол. Тоа добро. но од позната песна ги знаеме стиховите – ,,Да ти видам бело лице и рудото ти грло,,. Што ли ќе значи сега тој збор? РУДО грло?! Грлото не може да се рече дека е кадраво, но не би се рекло и дека е црвено или црвеникаво. Се мисли на надворешниот дел од грлото, а не  внатре во гркланот. А во песните често се пее за БЕЛО грло. Тоа може, но РУДО грло не можеме да разбереме. Можеби некој знае?

Уште еден интересен случај. Во една народна песна, стихот гласи – ,,Горо ле горо зелена, дали имаш бесно дрво,,. Не сме ја сретнале, не сме ја прочитале целата песна. Но, ете, ни беше мошне интересно кога разбравме дека – БЕСНО дрво, всушност значело ОБЕСНО дрво, дрво за бесење. Човекот сакал да се обеси и ја прашува гората дали има таа такво дрво кое ќе може да се обеси – БЕСНО дрво. Дрво за бесење.

Постојат народни песни во кои има зборови што не можеме веднаш да ги разбереме, или пак воопшто не ги разбираме. Можеби се тоа некои локализми, дијалектизми, или пак постојат некои други причини. Како и да е, така е!

Loading