ВО СЕЛОТО РОПОТОВО
Во селото Ропотово на дваесетина километри од Прилеп е селската црква Св. Троица изградена во 1859 година. На местото имало постара црква со помали димензии. Се препознава на едне од ѕидовите каде јасно се одделува надѕидокот на градбата, која била пониска. Според жителите, на старата порта имало натпис на кој стоела годината 1937.
Денешниот храм е подигнат на иницијатива на свештеникот Ристе Здравески, чиј гроб се наоѓа од јужната страна. Еднокорабната црква е градена од камен и малтер, со убаво изработена апсида. Надворешно остава силен естетски впечаток поради каменот со жолтеникаво-кафеава боја и белиот малтер. На покривот импресивен е мермерниот крст со соларни симболи на краците. Местоположбата на црквата е грижливо одбрана на доминантно место над селото. Во дворот има ниска карпа со култни обележја. Се претпоставува дека ритчето има долга историја на светост, односно култно-религиска традиција со подлабоки корени во времето. Карпата е елипсовидна, приближно со хоризонтална површина, на која е издлабено помало корито со правоаголна форма, а во негово продолжение има и крст.
Според раскажувањето на жителите, овој објект има необично својство, постојано да чува вода во малото корито, без да се намалува или испарува. Водата има чудотворна моќ да помага на луѓе со разни здравствени проблеми. Во него секогаш имало вода, без разлика на временските услови, но во последно време, се случувало и да ја снема, бидејќи ја пиеле кучиња скитиници. Живописот на црквата го направиле мајстори од селото Гари, односно браќата Димитрија, Евтим и Георги Андонови. Имињата на двајцата браќа ги има и во црквата Св. Спас во селото Кален. Интересно е што може да се забележи дека во оваа црква, во споредба онаа во Кален е со малку потемни бои. Тоа потсетува на стилот на крушевските тајфи. Пред повеќе од 40 години живописот го освежувал токму мајстор од Крушево. Дали потемните бои се резултат на ова освежување, не може да се потврди. Забележлив потемен тон на боите. Стилот и експресивноста се одликуваат со силни, свежи и јасни бои препознатливи за оваа црква.
Помалата архитектонска форма на црквата влијаела и на богатството од живописни содржини. Видлива е посиромашната библиска приказна, иако тоа не го намалува нагласеното мајсторство. Почнувајќи во олтарот со Мајката Божја, Рождеството Христово, трите мудреци кои доаѓаат при раѓањето на Исус Христос, озаглавени како Царие Персиски, Композиција со Светиот Син, Светиот Отец и Светиот Дух и други ликови од библијата, живописот продолжува хронолошки со раскажувањето на библиските содржини, кои завршуваат со богата содржина во композицијата на Страшниот Суд. На сводот импресивен е портретот на Исус Христос Седржител и Мајката Божја, Ширшаја или Небесна.
Во површината на ѕидот во светиот престол е насликан портрет на Исус Христос – Велики Архиереј. Иако помали, за жал, и на овој живопис се бележат неколку оштетувања, особено на деловите на сводот, направени од дрвен материјал.
www.pelagon.mk