СМАК СВЕТА!!!

ivce1Се правеле некои статистички иследувања. Целта била да се пресмета колкав е процентот на младите луѓе кои живеат заедно со своите родители. Се прават споредби со други држави. Според сите истражувања се констатирало дека тој процент е најголем во Македонија. Околу 70 на сто млади луѓе, млади брачни двојки, живееле (или сакале да живеат) со родителите. Го објаснува ова презентерката надолго и нашироко. Најпосле го кажа и тоа дека тие што сакале да живеат со родителите биле ,,Мамини мази,,. Го кажа тоа и остана жива! Од каде ли само го најде тој израз – ,,Мамини мази,,? Не постои кај нас глагол ,,мази,, ниту пак именка ,,маза,, изведена од тој глагол. Постои кај нас глагол ,,мазни,,. Тоа има поинакво значење. Српскиот израз ,,Мамина маза,, кај нас би гласел – ,,Мамино галениче,,. За таквите деца велиме дека се разгалени, дека родителите многу ги галат. Ќе чуеме понекогаш (како нашата презентерка) некој ,,покултурен,, човек да рече РАЗМАЗАНИ. Се разбира тоа е погрешно. Кога ќе видиме некое убаво дете, па и туѓо да е, ќе речеме дека сакаме да го погалиме. Тој глагол кај нас е толку познат, толку застапуван, па и за куче ние би рекле дека сакаме да го погалиме. Не да го – МАЗИМЕ. Рековме, ние го имаме глаголот ,,мазни,, со поинаква нијанса во значењето. За тие што сакаат да живеат со родителите, не би можело да се рече баш тоа дека се галеничиња. Но презентерката сакаше малку шеговито да се изрази, па вели дека биле ,,Мамини мази,,. Но, ја утна работата.

Во последно време, на нашиве телевизии, зачестија разно – разни дебатни емисии. Некои прилегаат и на ТВ дуели, зашто соговорниците, обично, се со спротивни мислења и ставови за проблемот кој во тој момент е тема на разговорот. Гледавме таква емисија, разговор (дуел) меѓу двајца универзитетски професори. Пред името на едниот стоеја и кратенките ,,Д-р,, и ,,Проф.,,. Темата беше името на нашава земја. Дали ќе се добие ново име, дали ќе се зачува идентитетот и се разбира, дали јазикот ќе се вика македонски. Препирка, високи тонови, па и кавги. Имаше од сé по нешто. Ќе биде вака, ќе биде така. Но, што ако не се успее да се дојде до договор кој би бил прифатлив за двете страни. Најпосле, силна реакција од господинот пред чие име стоеа кратенките ,,Д-р,, и ,,Проф.,,. Тој вели: ,,Ако не се најде решение веднаш, нема тоа да биде СМАК СВЕТА,,. Потоа се ,,коригира,, па вели ,,Не е смак на светот,,. А токму таква беше темата. Да се зачува идентитетот, да се зачува јазикот. А еве како го чуваме јазикот. Еве како повторуваме постојано дека јазикот не го даваме, дека тој е всушност, нашиот идентитет. Еве и докторот, професорот се придружува на тие што го бранат јазикот, нашиот јазик, македонскиот јазик. Сите ние се бориме за тоа, но дали го практикуваме тоа. СМАК НА СВЕТОТ!!! Зар не може да се рече – КРАЈ НА СВЕТОТ, зар не може да се рече – ПРОПАСТ НА СВЕТОТ? Ете, професорот вели – СМАК. Дали не чул или не се сетил за нашите зборови и изрази? Најтешка, најтрагична е ситуацијата кога слушаме вакви грешки од високи интелектуалци. Од професори, од доктори на наука. Што можеме да очекуваме од обичните луѓе. Тие слушаат и веруваат на оние што се ,,поумни,, од нив.

Еве уште нешто. Слушнавме на една телевизија дека ќе се продавале дрва за евтини пари. Евтини можат да бидат дрвата, а не парите. Често слушаме и евтини цени. Цените можат да бидат ниски или високи. Евтини ќе бидат производите, како во случајот – дрвата.

Loading