СЕМЕЈНИ КНИЖЕВНИ РИЗНИЦИ

– Градската библиотека неодамна ја издаде и ја промовира книгата ,,Семејните библиотеки во Прилеп,, на звторите Магда Василеска и Петар Петрески

DSC 0005

Уште едно издание на библиотеката ,,Борка Талески,,. Станува збор за  книгата ,,Семејни библиотеки во Прилеп,, на авторите Магда Василеска и Петар Петрески. Убаво смисленото и реализирано издание на 83 страници претставува прозорец во 18 семејни библиотеки во Прилеп.

Изданието почнува со прекрасни мисли за значењето на библиотеките во историјата на човештвото и историјата на цивилизациите. Големиот Гете ги нарекол библиотеките ,,меморија на човештвото,,, а во античкиот свет тие биле наречени ,,каријатиди на цивилизациите,,. На европски  план и на македонска почва е општопознато  духовното значење на манастирските библиотеки. Денес светот се соочува со егзистенција и на хартиените и на електронските книги, како во јавните, така и во семејните, домашните, библиотеки.

Промоторот Слободан Беличански, детално го разгледал трудот и објаснува дека семејните библиотеки постојат повеќе  векови. Се создавале во домовите на учените прилепчани. Секоја има историја и приказна, а сите ги обединува читачката страст, пренесувана од колено на колено, од генерација на генерација, од дедо прадедо… Интересен е пристапот. Дел се претставени преку разговорите на авторите со членовите на семејствата и врз основа на нивните впечатоци од посетата на семејните библиотеки. Дел ги пишуваат самите сопственици.

DSC 513600

 

Во кратката прошетка низ 18-те семејни библиотеки, една е на Благоја Алексоски – Глумецот,  актер и писател. Таа  брои од 2500 – 3000 наслови, меѓу кои и неговите книжевни дела. Една од постарите книги во богатата и разновидна книжевна збирка е ,,Димитар и Константин Миладинов,, од 1858 г., издадена во Москва. Глумецот ја развил љубовта за купување и читање книги и ја пренесол на потомството. Во библиотеката на протоереј Златко Ангелески преовладува верската литература. Ја има Библијата на повеќе од 50 јазици. Има место и за ретки и постари книги, меѓу кои ,,Историјата на христијанската црква,, од Робертсон од 1890 г. и ,,Проповеди на руски автори од крајот на 19 век,, како и книги од прилепските учители Ицо Мрмев, Петар Ацев и Григориј Алексиев. Во збирката книги, библиотеката на Димче Аџи – Митрески, која брои од 2000-2200 наслови, има книги од повеќе жанрови, белетристика, филозофија, политика, лексикони, книги за шах и религиозна литература. Од постарите се издвојуваат двата дела на ,,Историјата на дипломатијата,,.   Библиотеката на спортскиот новинар Драги Башески, формирана од него и од сопругата Милка, постојано се збогатува со книги купени од нивните библиофилски воспитани потомци. Таа располага со многу книги и списанија за спорт. Сместени се и постари весници. Семејството Башески има исклучително богата библиотека од 4500 наслови. Најзастапена е странската литература. Тоа се должи на фактот што Петар Башески беше професор по англиски јазик на Економскиот факултет. Посебно е местото на неговиот богат поетски опус. Неговите ќерки го почнуваат денот со книга.

IMG 5890

Родоначалник на повеќејазичната библиотека на семејството Беличански беше нејзиниот најстар член, универзитетскиот професор Цветан Беличански. Најбројни се книгите од историјата, правото, филмот, книгите за изучување на странски јазици и убавата литература. Библиотеката е најдрагото место на целото семејство. И историчарот на уметноста, Илија Велкоски – Ѕаната со сопругата Билјана располагаат со раскошна книжевна колекција, која ја отсликува нивната професионална ориентација и интерес. Дел од од неа ја чинат книгите, наследени од билјанините родители. Вредна и стара книга е ,,Библијата,, на црквенословенски јазик од 1858 г., издадена во Истанбул. Родоначалник на библиотеката на семејството Галески е страстниот читач и вљубеник во пишаниот збор, Методија Галески. Богатата библиотека, покрај 4000 наслови, содржи експонати од областа на минерологијата, сувенири, стари пари, збирки на поштенски марки, артефакти, документи и подароци од Африка. Галески е основач и на познатата  Есперанто библиотека во Прилеп со над 3500 книги. Библиотеката на Ратко Ѓорѓиоски е во знакот на историската, религиозната и средновековната литература. Од повеќето значајни и ретки книги се издвојуваат ,,Документи за македонското национално движење во дијаспората,, од 2006 г., ,,Бигорскиот манастир – 20 години возобновено монаштво,,  ,,Историја на Македонија,, од Ѓорѓи Радулов – Радуле од 2010 г.  и книгата ,,Македонија,, издадена во Софија, во 1931 г. Библиотеката на дипломираниот теолог и ѓакон Роберт Конески ја чинат над 5000 книги и публикации, најмногу од теологијата, филозофијата, историјата, книжевноста и уметноста. Најстара негова книга е ,,Светото и Боженствено евангелие,,, на црковнословенски јазик, издадена во Киев во 1824 г. Конески работи и на реставрација на стари и оштетени книги и нивно вкоричување и уметничко украсување. Библиотеката на Трајче Крстески, познат македонски писател и долгодишен уредник на списанието Стремеж, е создадена од младоста. Збогатена и комлетирана е со животната сопатничка Сузана. Таа брои над 2000 наслови од сите книжевни жанрови и области. Овој голем љубител на природата í посветуваше посебно внимание на ботаничката литература.     Родоначалници на библиотеката на семејството Магдески се брачните другари Гоце и Горица Магдески. Колекцијата на книги располага со комплети од познати македонски и светски писатели, како и со историска и научна литература. Горица Магдеска е автор на збирката поезија ,,Издлабено корито,, и на две поетски збирки во ракопис и еден недовршен роман. Заслугата за постоењето и збогатувањето на библиотеката на семејството Паноски им припаѓа на брачните другари Цеко и Катерина Паноски со ќерката Панде. Библиотеката на тројцата медицинари е скромна (од 700 до 850 наслови), но содржински богата и  убаво средена. Има изданија од различни области и на повеќе јазици. Доминира медицинска, стоматолошка и верска литература. Семејството на пензионираниот  универзитетски професор Ристо Ристески и писателката Мирјанка Ристеска има библиотека од 3000 до 3200 наслови. Книжевното богатство меѓу корици изобилува со различни жанрови, вклучувајќи ги и стручно – научните книги на Ристо Ристески и книжевното творештво на Мирјанка Ристеска. Најстарата книга е ,,Кривичниот законик,, од 1818 г. Карактеристично за библиотеката на сопружниците Асен и Магдалена Стаменови е богатството на стручна литература и комплетите од руските класици. Сопружниците чуваат многу весници и списанија од областа на педагогијата и методиката, а Асен е автор на две стихозбирки и три монографии.            Борка Талески ставил темел на библиотеката на семејството Талески. Тој беше ценет професор по филозофија и латински јазик во гимназијата ,,Мирче Ацев,,. Затоа е ризница на вредни книги од филозофијата, психологијата и логиката. Љубовта кон книгите ја наследиле потомците од различни генерации. Тие грижливо го чуваат и збогатуваат семејниот книжен фонд. Создавачи на библиотеката на семејството Тасевски се Ружа и Атанас. Продолжувачи се синот Игор со сопругата Татјана и ќерката Теодора. Во содржината се стручно – книжевна литература. Дел е посветен на делата на македонските писатели. Резервирано место имаат роднокрајните, односно прилепските автори. Таму се наидува на вредни дела од светската литература. Се чуваат и изданијата на новинарската, книжевната и издавачката активност на членовите на семејството. Околу 500 книги од семејната библиотека на Сашо и Билјана Тинтоски им припаѓаат на прозната и поетската реч од македонски и странски автори, како и книги од областа на лингвистиката, семиотиката, педагогијата и психологијата и други сродни дисциплин. Останатите 350 се со религиозна православна тематика. ,,Триодот,, од 1892 г. го посочуваат како драгоцено издание.

IMG 20171204 131829-1

Книгата ,,Семејните библиотеки,, се доживув како вредно  издание што е неизоставен дел од културната и интелектуалната историја на Прилеп. Според Магда Василеска во 2011 година се појави како автор на книгата ,,Манастирските библиотеки во Прилеп,,, а  Петар Петрески  зад себе има завиден и признат книжевен, публицистички и преведувачки опус. Василеска е виш библиотекар, а Петрески директор на Градската библиотека ,,Борка Талески,,.

Loading