Фудбал: Позитивни промени во Победа
– Се работи за полушпиц кој играл за Млада репрезентација
Според најавите, во саботата почнаа подготовките на Победа за наредната прволигашка сезона. Тренерот Тони Мегленски со асистентите Стефаноски, Костоски и Кебакоски, првите тренинзи ги одработи на теренот со вештачка трева, низ учество на досегашни првотимци, приклучени младинци и новодојдени. Како што е вообичаено за овој период, се работи на кондициски план.
За играчкиот кадар, како дефинитивно заминати се сметаат: играчот за врска, Бразилецот Лукас, полушпицот Црногорецот Ивановиќ, играчите од средината Лога и Најдовски, бековите Димитриоски и Колевски. Со голманот Тофилоски и шпицот Даноски се преговара за останување, како што тоа се постигна со Србинот Јаќимовиќ, стопер. Тој потпишал двегодишен договор, што зборува дека клубот гледа долгорочно за играчите на кои смета, а на зима и в лето само ќе ги надополнува дефицитарните позиции.
Како нови официјално наведени се: бранителот Драгарски, за врска Марковски (Пелистер), полушпицот Каланоски (Борец). Се очекуваат и други со кои се преговара. Тие се на повеќе позиции. Дознаваме дека пред доаѓање се двајца проверени домашни прволигашки фудбалери. Пред потпис е и Србин, 20-годишен кој имал настапи за млада репрезентација на својата земја. Се работи за квалитетен полушпиц по крилни позиции од Белград. Во понудата од странство влегува и еден од Гана, двајца од Бразил. Треба да дојдат на проба.
Максимално се работи екипата да биде подобра од лани. Затоа што, како што често се истакнува во клубот: ,,Ако не работиме за да бидеме подобри, нема за што друго да работиме,,.
Могила има шанси
За стадионот Могила сé повеќе се зборува. Имало понуда од фирма да го дотера како што треба. Планот бил да се постави нова подлога, да се прошират трибините и соблекувалните. Надежта е дека за неколку месеци може да се заврши проектот Победа да игра дома.