Некои археолошки наоди од периферните делови на Пелагонија покажуваат дека планинските венци, кои ја заградуваат котлината, во древните времиња имало многу населби. Пример се две неолитски населби меѓу селата Присад и Ореовец. Тоа се локалитетите Пештерица и Радин Дол расположени во долината во која се спојуваат Ореовечка и Присадска Река.
Големата долина меѓу споменатите села е полна со извори вода, а во близина се и планините кои нуделе богат лов при најстарите населувања. Природата овозможувала чување добиток на богатите пасишта.
Двете откриени населби меѓу Ореовец и Присад се на мало растојание. Потекнуваат од времето на создавањето на основите на цивилизацијата, односно од периодот на новото камено време кога човекот изработувал предмети од камен, коска, дрво и од земја, која ја преработувал во керамички садови. Едната е покрај Оревоечка Река, поточно во вливот на вештачкото езеро, на локалитетот Пештерица. Се простирала на околу еден хектар. Археолозите истражувале по изградбата на браната за езерото и успеале да истражат само дел, и тоа периферен. При истражувањата во 1965 и 1976 г. се пронајдени предмети користени од праисториските жители на Пештерица. Констатирани се и праисториски живеалишта од 10 000 год. пр. н.е. до околу 3000 год. пр. н.е. Од станбените објекти за живеење имало полуземјанки, биле покривани на ,,една или на две води,,. Огништата биле од камен и надвор од куќите, но во нивна близина. Пронајдените биле неколку камени орудија и предмети од коска. Бројни биле керамичките наоди. Археолозите го датираат во локалитето од раниот неолит, односно 5000 г. п.н.е.
Археологот Б. Китаноски ја датира и населбата откриена во близина на селото Ореовоец на локалитетот Пештерица. Според него, предметите се датираат во почетоците на неолитот. Некои археолози сметаат дека оваа населба егзистирала во времето на населбите во Велушино и Породин, откриени кај Битола, и дека пронајдените предмети припаѓаат на истата културна група. Археологот Санев од Штип заклучил дека во тој период овој простор бил доста густо населен.
Имајќи предвид дека се констатирани околу 70 населби претежно покрај течението на Црна Река во централниот дел на котлината, тоа сведочи за импозантен археолошки материјал, често и со фасцинантни форми и развој на културата уште во тоа време. Се чини дека Пелагонија била густо населена. Археологот Китаноски со колегите Симовска од Битола и Тодоровиќ од Белград, наодите од Пештерица ги сметаат за посебна културна група предмети поради специфичностите, поврзани со грубата изработка и недоволно развиените форми, со што се одделуваат од предметите од останатите локалитети. Поради ваквите специфики, предметите ги датираат во најраниот период на неолитот, истакнувајќи дека во периодот кога егзистирала оваа населба Пелагонија уште не била погодна за населување поради барите и мочуриштата кои превладувале во оваа котлина. Во периодот пред тоа била езеро, кое по извесни тектонски поместувања истекло во Егејско Море по долината на Црна Река.
Во близина е откриен и истражуван уште еден праисториски локалитет познат како Радин Дол, кој се наоѓа на текот на Присадска во Оревоечка Река. Распространет е на поголема рамнина. Според пронајдените остатоци од објекти и предмети, населбата датира од средниот неолит, односно, од 5000 до 3500 год. п.н.е. Тоа е констатирано по утврдувањето на наодите кои се со повисока фаза на изработка, со посовршени форми и материјали. Во Радин Дол се пронајдени предмети од керамика, меѓу кои парчиња од различни садови и жртвеници. Овие наоди имаат сличности со дел од предметите од Породин и Велушино кај Битола. Затоа се сместуваат во истата културна група, што значи дека населбите егзистирале во блиски или исти времиња од неолитот.
Двете населби од различни фази на неолитот покажуваат на постоењето бројни локалитети на периферијата на Пелагонија преку кои се проследува континуитетот на населување на овој простор во неолитот и воопшто развојот на цивилизацијата во овој период.
Тренчо Димитриоски