КОЗЈИ ПАТ ДО ПОРТО КАЦИКИ НА ЛЕФКАДА

desimi lefkada

Лефкада е мал грчки остров на Јонското Море. Уште со неколку помали острови, го сочинува округот Лефкада. Најважно и најголемо место е истоимениот град.

Површина е 300 км2. Одвоен е од копното со тесен мореуз, широк 2 км. Премостен е со подвижен мост. Северно од Лефкада е Крф, а јужно Кефалонија и Итака. Лефкада е главно ридест и карпест остров. Постојат и неколку помали плодни долини. Климата е средоземна со долги топли лета и благи дождовни зими. Растителниот и животинскиот свет е карактеристичен за Медитеранот. Се одгледуваат маслинки, винова лоза и агруми.

Лефкада е населена уште од преисторијата. Во средниот век, припаѓал на Византија. Средновековниот дворец со италијанско име Санта Маура го основала владејачката италијанска фамилија Токо. На неколку наврати островот бил под турска контрола. Тој е единствен јонски остров што го држеле Турците. Од 1716 година го контролирала Венецијанската република. Во 1864 година е припоена кон Грчкото кралство. Првиот модерен опис го дал надвојводата Лудвиг Салвадор. Грците се мнозинство, но летно време има доста туристи.

lathisma lefkada

Со првата средба со Лефкада, градот освојува многу посетители. Поминувајќи преку мостот, долг 50 метри, се добива прекрасен поглед на лагуната, која ја создал песочниот мореуз Гиро, на кој се наоѓа уште еден мост. Лагуната е природно богатство во која се одгледуваат риби во посебни традиционални кошеви, плетени од прачки. Мореузот е долг 7 км. и почнува од градот Кастро и прави кружен јазик за да се спои со копното од другата страна на Кастро.

На патот до градот се проаѓа покрај езеро, најголемата водена површина на островот, кое секоја година гости голем број разновидни птици… Се гледаат чапји, лебеди, диви гуски и диви патки. 

Лефкада нуди за секого по нешто. За оние кои сакаат да го откријат културно – историското наследство, можат да го посетат фолклорниот и археолошкиот музеј, каде може да се купи некој спомен од посетата на островот.

Василики е уште една туристичка атракција која мора да се види, ако се посетува Лефкада. Оддалечено е 40 км. од главниот град. Се наоѓа на заливот на јужниот дел од островот, каде водата е идеална за сурфање и слични спортски активности. Од тука може да се продолжи да се посетат селата Агиос Петрос и Сиврос, каде може да се ужива во традиционалните јадења или да се изнајми мал брод за посета на преубавите плажи на западната страна на островот.

Уште една дестинација која е примамлива е Порто Кацики. Таа е една од најпопуларните плажи во Грција, па и во цела Европа. Во превод значи “Пристаниште на јарците”, а името го добила, затоа што некогаш само ова животно можело да стигне до неа. Многу познатата и најчесто сликаната плажа со прекрасна бела песочна линија на брегот, која се издига од азурно – синото море со тесен појас, е споена со стрмна карпа каде има скали кои водат до плажата. Се наоѓа на 35 км. од градот Лефкада. Единствениот поглед на плажата опкружена со бели карпи и сино – зеленкасто бистро море ја прави дестинација која не треба да се заобиколи. Таа со години го држи приматот за најубава европска плажа.

lefkada 1

Над плажата има доста барови и паркинг места, но нема место за престој на туристи. Кампувањето е забрането. Покрај копнениот пат, до плажата се стигнува  по морски пат, крстарејќи од местата Нидри или Василики. Егремни е уште една од плажите кои оставаат без здив по тиркизот на јонскиот брег. Неодолива е и плажата Катизма.

Овој уникатен предел е толку спектакуларен, што ќе се врежи во сеќавањето на секој што ќе го види или посети ова место.

Loading