ТРЧАЊЕ ЗА ХУМАНОСТ

В недела

Со собраните средства ќе се опреми Центарот за деца со церебрална парализа

После Скопје, Прилеп ќе биде единствен град во Македонија кој ќе добие ваков центар

cover cerebralna

 

Прилепчани ќе трчаат, ќе се рекреираат, а со учеството на хуманитарниот маратон, ќе помогнат за опремување на Центарот за деца со церебрална парализа. Бизнисмени, политичари, младинци, спортисти и сите добронамерници со хумани срца, се очекува в недела да заборават на деловниот стајлинг и вообичаената гардероба, туку во спортска опрема, да направат добро и за себе, за сопственото здравје, но и за заедницата, да помогнат индиректно во подигање на Центарот за деца со церебрална парализа. Ќе се трча низ центарот на градот, од реклами, до Кружниот тек кај судот, кај стоковната, покрај река до Табаана и Кружниот тек Карпалак. Котизацијата за учество е 100 денари, а мини маратонот нема натпреварувачки карактер. 

Рекреативната донаторска трка во должина од 5 км., насловена како трчаме зедно за лицата со церебрална парализа ќе се одржи в недела, 24 јуни, со почеток во  19:30 часот. Организиатор е Општината, со поддршка на компаниите ГЕНТЕРМ Македонија, Комфи Ангел и Регионалната стопанска комора.

После Скопје, Прилеп ќе биде единствен град во Македонија што ќе добие Центар за ваква намена. Целата идеја започна во декември 2017 година.

– Општина Прилеп достави проектна апликација до Министерството за труд и социјална политика поврзана со „Реконструкцијата и адаптацијата на објект во Дневен центар за лица со церебрална парализа”, кој на среќа на општината, на нас граѓаните, а најмногу на среќа на лицата со церебрална парализа, беше одобрен – вели Цвете Станојоска, советник за локален економски развој и прекурганична соработка во Општина Прилеп

Реконструкцијата на објектот е во тек, но поради големите трошоци за одржување, скапата апаратура  и опрема којашто е потребна за непречено работење на Центарот, Општина Прилеп, во соработка со приватните компании  ГЕНТЕРМ Македонија, Комфи Ангел и со Регионалната канцеларија на Стопанската комора на Македонија, го организира хуманитарниот настан за собирање дополнителни финансиски средства. Комфи Ангел е декларирана како општествено одговорна компанија, каде во сите процеси се вклучени вработените.

mapa

-Овој настан им овозможува покрај партиципација со котизација, да направат нешто добро за другите, да направат нешто добро и за себе. Веднаш се пријавија околу 300 вработени. Тоа значи наше масовно партиципирање, а исто така ги повикувам и другите компании кои се дел од Општина Прилеп и членови на нашата Регионална комора, масовно да земат учество – вели Ирена Јакимоска, косопственик на Комфи Ангел и претседател на Регионалната Стопанска комора – Прилеп.

Поддршка дава и ГЕНТЕРМ Македонија како најголем работодавач во регионов која започнува со социјалната одговорност на компанијата. Веќе се инкорпорираа како субјект во бизнис заедницата со 1500 вработени.

– Трката нема да има натпреварувачки карактер, туку ќе биде со малку поголемо срце, донаторска. Апелирам до сите граѓани на Општина Прилеп, да земат учество, да ја збогатат трката и со тоа да им помогнат на своите соседи. Упатувам апел и до бизнис заедницата да земе што поголемо учество, да ја направиме поколоритна неделата на 24 јуни – вели Васил Костовски, директор за човечки ресурси во ГЕНТЕРМ Македонија.

Собраните средства, ќе бидат искористени за тековните трошоци и набавка на опрема за Центарот за лица со церебрална парализа.

Ќе има капацитет за згрижување од 25 до 30 штитеници.

trka press 2

КОТИЗАЦИЈА ОД 100 ДЕНАРИ

Само 100 денари  е котизацијата за учество на донаторскиот маратон. Заинтересираните можат да ги уплатат на Буџет на Општина Прилеп со број  на сметка – 756014065763013, Приходна шифра – 725939, Програма – 00, Трезорска сметка – 1000000000063095. Граѓаните, фирмите и правните субјекти кои сакаат да се дел од овој хуманитарен настан, можат да се пријават кај лицето за контакт Цвете Станојоска од Општина Прилеп, на телефонски број  +38977540919 или на  мејл: [email protected][email protected].

И БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА ОПРЕМА

Општина Прилеп во првата фаза учествува со 2.5 милиони денари, кои се средства пренаменети од буџетот на Општина Прилеп, со одлука на Советот на Општина Прилеп. Средствата ќе бидат искористени за набавка на опрема и специјално возило за транспорт на лицата од нивните домови до Центарот.  После отворањето на Центарот, тековните трошоци за одржување на Центарот и храната за лицата кои ќе престојуваат во Центарот, ќе бидат во целост на товар на Општина Прилеп. 

poster

Loading