ПРЕТПАЗЛИВО СО „ОПРЕЗНОСТА“

ivce1Ретко слушаме, особено политичар, да зборува на чист македонски јазик. Но, понекогаш ќе се провлече некоја грешка и кај оние ретките што зборуваат убаво. Имиња ретко споменуваме, но овојпат, еве, ќе кажеме. Во една ТВ емисија гостин беше поранешниот министер за надворешни работи – Илинка Митрева. Разговорот, главно, се водеше околу евентуалниот договор за името на нашава земја, меѓу Заев и Ципрас. Митрева го изнесува своето мислење во врска со оваа проблематика. Тоа го прави на прекрасен, чист македонски јазик. Ова го слушаме ретко и затоа заслужува пофалба. Но, и тука, во еден момент запна работата. Од односниот разговор помеѓу премиерите Заев и Ципрас, слушнавме изјави кои во голема мера се разликуваат. Нормално, тоа го забележува и Митрева. Објаснува дека изјавата на Заев е оптимистичка, дека тој смета оти работата е на добар пат. Се појавува реална можност дека проблемот може да се реши. Додека Заев бил голем оптимист, Митрева вели дека Ципрас бил доста опрезен. Слушајќи го ова, почувствувавме како да не штрекна нешто. Зар и нејзе можеше да и се случи вакво нешто, да употреби туѓ збор – ОПРЕЗЕН? Зборуваше таа и понатаму за воздржаноста на Ципрас и во еден момент вели: ,,Ете, го најдов македонскиот збор, Ципрас беше ПРЕТПАЗЛИВ,,. Вакви случувања сме среќавале повеќепати. Многу наши луѓе ќе почнат да изговараат некој српски збор, па веднаш ќе се присетат како беше нашиот. На мнозина им се случува да речат дека утакмица, па да се поправат и да речат дека натпреварот бил добар. И се случи тоа и на Илинка Митрева, но останува фактот дека таа се вбројува во најтесниот круг на политичари што го владеат македонскиот литературен јазик.

Се случила трагедија. Наш планинар, кој требало да се искачи на највисокиот врв починал од срцев удар. Вест ја слушнавме од сите телевизии. Извесна новинарка извести вака: ,,Смртта настапила во моментот кога се подготвувал да крене кон врвот,,. Каде ли го најде, од каде го измисли тој збор, тој глагол – КРЕНЕ? Во нашиот јазик, ако треба да се рече дека нешто треба да крене, значи дека треба да дигне. Крева и дига имаат исто значење. Очигледно, новинарката сакаше да каже дека смртта настапила кога се подготвувал да ТРГНЕ кон врвов, а не да КРЕНЕ. Новинар не смее да прави вакви грешки. А со тие српски глаголи – КРЕНУТИ, КРЕТАТИ, ПОКРЕТАТИ, се прават многу грешки (покрена тужба, покрена обвинение). Сме пишувале за ова порано.

Еве и една честа и сосема нелогична грешка. Во дневен весник читаме наслов ,,Кристен Стјуард ги соблече високите потпетици и газеше боса,,. Таа можела, да ги СОБУЕ високите потпетици, а не да ги СОБЛЕЧЕ. Се соблекуваат и се облекуваат алишта, а не чевли или какви и да се обувки. Ни се случи неодамна во извесна продавница за чевли. Се колебавме, дали се големи или мали, а продавачката вели: ,,Може слободно да ги пробате, облечете ги,,. На фирмата од продавницата, со крупни букви пишува – ,,Продавница за обувки,,. Сакавме да се пошегуваме. Велиме – ,,Зошто не ја почитувате фирмата,,? Не сфаќа продавачката. И велиме: ,,Па, ене, пишува обувки. Значи тие се обуваат, а не се облекуваат,,. Продавачката најпосле сфати. Вели дека сите велат така. Вели: ,,Еве поседете, ќе видите, сите што доаѓаат велат дали може да ги облечеме,. И без да седиме и да чекаме знаеме дека е така. Се прашуваме – ЗОШТО? 

Loading