НЕПОКОРНО МАРИОВО

0624-gradesnica-mariovo

Крстареле турските башибозлуци и на македонските простори. Грабеле, палеле, вршеле терор и масакр над недолжното население, но Мариово успеало да го сочува македонскиот идентитет, слободно, без менување на националниот состав, економски независно од никого.

-Кој неќе да робува, нека повеле во Мариово златно. Има леб за секого. Од зелените полјани мариовски некогаш начичкани со стада овци доаѓа највкусното сирење на пазарот во Прилеп. Одамна од 16 век – порачува еден дедо со овците во близина на Витолиште.

Додека робувањето било составен дел на животот на македонскиот народ, мариовците биле горди и непокорни, понекогаш жртвувајќи го и животот. Остроумност и бунтовност им биле одлики низ вековите, иако бедата им била човековите судбини,.

,,Умираме за својата вера православна и златната слобода,,. Извикувале бранителите на чебренскиот мост, пред нивното бесење пред тврдината Пешта во 16 век. Поп Јаков и Трајко Сирме живи се изгорени во Прилеп, извикувајќи пред многуте страдалници – ,,Не жалајте нé нас, жалајте се себе си што скапувате под тупаниците на агите. Ја исполнивме светата должност и одиме на крстот за правдата, слободата која со ништо не се купува,,.

Минувале векови на феудални притисоци проследени со страдања, зулуми и насилства. Тоа довело и до отпор на христијанското население. Мариовско-прилепската буна 1564/65 година е првиот организиран отпор против моќната турска империја. По суровото задушување на првата мариовска буна, населението продолжило да се спротивставува на тиранијата, на самоволијата на турските власти со организирани чети на комитите. Во 1688/89 година, мариовците ја дигнале втората мариовска буна против земањето деца за јаничари од христијанското население. Гордољубивото и ослободољубиво Мариово, со својот постојано бунтовен дух и масовно народно движење, долго време служело за пример на останатото поробено население во соседните и подалечните македонски подрачја.

Според пописите на Турците, во 1467 година во мариовската нахија биле регистрирани 1415, а во 1519 – 9264 христијански жители. Демографските движења се менуваат во зависност од економско-политичките состојби, социјалните и други збиднувања. Продолжуваат миграционите движења на населението од овие простори, предизвикано од теророт и други мачночовечки страдања, од качаци, друмски разбојници. Мариовците давале отпор преку познатите ајдуци, месни војводи на чети и други организирани во комитети. Од организираните чети, познат и опеан е Толе Паша, кој со четата го обезбедувал и познатиот револуционер Петре Ацев на Смилевскиот конгрес. Толе Паша го загубил животот под налетот на бројниот турски аскер во 1904 година кај селото Гудјаково. Неговиот лик и ликвите на многу други бунтовници се олицетворение на храброста и непокореноста на мариовците.

Loading