Ракомет: Оливер Димитриоски, тренер
– Со уште три засилувања отстрана достижен е плеј-офот
Екипата на Прилеп кога најмногу требаше, најдобро одигра и ги освои спасоносните бодови во плеј-аутот. На дуелот во Скопје, со 27-29 совладан е домашниот Металург 2. На тој начин прилепскиот клуб петта сезона во низа ќе биде во суперлигашкото друштво. Речено-сторено од Управата, играчите и Стручниот штаб, предводен од Оливер Димитриоски.
Последниот меч?
-Играчите посветени излегоа на терен. Знаевме која ни е целта и ја постигнавме. Цела екипа одигра за тоа што бевме дојдени.
Неизвесноста беше долга?
-Беше. Многупати велев и претходно: ,,Не знам како ќе опстанеме, ама ќе опстанеме,,.
Задоволни сте?
-Секако. Играчите што се вратија дадоа максимум за да останеме во Лигата, а младите помогнаа колку што можеа и не можеа. Голманот Димоски ја сработи работата со над 20 одбрани против Металург.
Останувате во клубот?
-Договорот ми беше до крајот на претходнава сезона, а немам договор за следната. Имаме комуникација и заемна желба за продолжување, но за тоа ќе видиме во наредните десетина денови.
Вашата визија за клубот наесен?
-Битно е да вратиме три-четворица наши прилепски ракометари коишто играат во други клубови, а потоа да земеме уште три други засилувања. Значи, вкупно скоро цела постава.
Пласман со тој тим?
-Во горниот дел. Да не бидеме во плеј-аут, туку во плеј-оф. Паралелно во клубот да работиме во развој на младите категории. Тоа е примарната цел.
Тука и досега добро се работеше?
-Перфектно. Кадетите се актуелни државни шампиони.
Ако останете тренер, кога ќе биде наредниот собир?
-Каде и да работам, почнувам на 3 август. Зависно од околностите може и порано, а подоцна – не.
Струга суперлигаш
Во бараж-мечот за добивање на десеттиот член на Супер лигата, екипата на Струга со 32-24 го совлада Металург 2. . Стружаните се враќаат во елитата по 15 години. Нов суперлигаш претходно стана Бутел, а отпадна Младост. Според ова, наесен Супер лигата ќе ја сочинуваат: Еурофарм, Пелистер (Битола), Пролет, Вардар ј. , Бутел (Скопје), Охрид, Радовиш, Борец (Велес), Струга и Прилеп. Дополнително, во плеј-офот се вклучуваат Вардар и Металург.