Во Тутунскиот комбинат
-Се очекува пакет за раст на продуктивноста, односно доброволно заминување на дел од вработените со надоместок
Тутунскиот комбинат лани ги намалил загубите во работењето. Според менаџментот, тенденција е годинава да заврши на позитивна нула. Надеж за оптимизам се првичните годинешни позитивни резултати кои се очекува нагло да пораснат следниве месеци со продажбата на обработениот тутун. Менаџментот најави дека наскоро ќе ги обелодени околностите за пакетот за подобрување на продуктивноста, односно таканареченото доброволно заминување со надоместок на дел од 410-те работници. Стремеж е Комбинатот месечно да ги редуцира трошоците за околу пет милиони денари, едновремено подобрувајќи ја возрасната структура на вработените.
Одборот на директори на Комбинатот го поднесе финансискиот извештај на Собранието, а акционерите го усвоија извештајот. Во него стои дека Комбинатот навремено ги сервисира обврските. Обезбедени се средства и целосно е вратен наследениот долгот спрема УЈП, во износ од над 66 милиони денари. Така Комбинатот веќе нема обврски кон УЈП и останати државни органи, со тоа е подобрена ликвидноста. Паралелно се вложува во цигарната фабрика со целосна реконструкција на покривот и е подобрена енергетската ефикасност.
Комбинатот лани имал загуба за 21 отсто помалку, односно 14 милиони денари помалку во споредба со 2016 година. Приходите се пораснати за 4 проценти отколку во 2016 година. Дури е евидентирана оперативна добивка од 590.000 денари од редовното работење. За споредба во 2016 година била остварена оперативна загуба во износ од 8,6 милиони денари или финансискиот резултат е подобар за 9,2 милиони денари. И финансиските расходи се помали за 2 отсто од 2016 година, а заштедата изнесува 1,4 милиони денари. Лани, по подолг период, остварен е позитивен паричен тек. Годинава првпат се создадени услови Комбинатот да оствари финансиска ликвидност на краток и долг рок без задолжувања од домашните банки и други кредитори, а притоа непречено да ги исплаќа кредитите од претходните години.
Според извештајот, Комбинатот наследил 530 милиони денари кредит за за откуп на тутун од реколата 2016 спрема НЛБ и Комерцијална банка. Новиот менаџмент успеа да го плати во целост овој кредит. Наследство е долгот од 104 милиони денари, краткорочен револвинг кредит од Халк банка, подигнат во јануари 2017 година, а целосно потрошен до август 2017 година за покривање на тековни, а дел и непродуктивни трошоци. Менаџментот успеа да го замрзне кредитот од 106 милиони денари во Комерцијална банка. Комбинатот врати 75 милиони денари стар долг спрема УЈП, за ДДВ, персонален данок и камата. Уредени се односите со долгот од 17 милиони денари со камати спрема Институтот за тутун од 2008 година. Регулиран е долгот од 170 милиони денари спрема АД за стопанисување со деловен простор за заостанати 5 неплатени рати по договор. Наследена е загуба од над 61 милиони денари за првите 6 месеци од 2017 година и останатите неплатени фактури кон добавувачи од над 12 милиони денари. Биле товар и над 90 милиони денари неплатени фактури за софт драи обработка на тутун во Алијанса Уан.
Собранието на акционерите на Тутунскиот комбинат каде доминира државниот капитал едногласно го изгласа и го одобри Извештајот од работењето за лани, ја визира годишната сметка и финансиските извештаи за 2017 година. Акционарите ја одобрија работата и на водењето на друштвото на членовите на Одборот на директори, поединечно за Кире Станкоски, Татјана Стефаноска (извршен член), Гоце Мојаноски (извршен член) Никола Џамбазовски (неизвршен член) Ѓорѓи Михаилов (неизвршен член), Гоце Јосифоски (неизвршен член) и Шеваљ Цеку (неизвршен член). Мнозинството од акционерите ја потврдија предлог одлуката за избор на член на Одбор на директори на Златко Сарев, дипл. правник со долгогодишно искуство во бизнис секторот на местото на извршниот директор Ѓорѓи Михаилов.