Грешките, обично, предизвикуваат лутина. Но, ете, се случува понекогаш да предизвикаат и смеа. Овојпат ќе почнеме со една таква грешка. Всушност, не е јазична, туку грешка во изразувањето, во недоволното размислување за она што се зборува. Во последно време, корупцијата е мошне актуелна и е честа тема. Се разговараше за тоа. Најверојатно разговорот се водеше на некоја собраниска комисија. Зборува извесен пратеник. Зборува доста ангажирано. Ја критикува состојбата што корупцијата зазема голем замав и дека треба да бидеме ангажирани и да се бориме против тоа. Во еден момент, вели вака: ,,Корупцијата да се намали што е можно помалку,,. Замислете, корупцијата да се намалела што е можно помалку. Што би се разбрало од овој исказ? Да се намали корупцијата значи дека намалувањето треба да биде мало. Очигледно, мислата на пратеникот беше дека корупцијата треба да се намали, но не помалку туку повеќе. Ако се намали повеќе, ќе ја има помалку. Во случајов, произлегува дека пратеникот сака да се намали корупцијата, ама помалку.
Слушаме на ТВ разговор од областа на медицината. Стануваше збор за депресијата. Гостинката во емисијата – докторка. Прекрасно зборуваше. Со прекрасен и чист јазик. Просто човек да се радува, зашто ретко се среќаваат луѓе (особено доктори) кои така убаво го владеат македонскиот јазик. За жал, еве, влијанието на скопскиот говор навлегува насекаде. Докторката беше прилепчанка. Објаснувајќи за некои состојби и симптоми кај депресијата, вели: ,,Се јавува поспаност,,. Во Прилеп тоа никој не би го рекол, а никаде и не треба да се рече. Треба да се рече сонливост, дремливост, па дури и мамурлак. А да поспие човек (да биде поспан), значи да спиел кратко време, да поспал, како што е да поседи, да пооди и многу такви. Тој српски израз навлегол во скопскиот говор. И не е толку страшно и чудно што навлегол, не е единствен, но зошто луѓето не сфаќаат дека тоа кај нас има поинакво значење. Рековме, ние би рекле – СОНЛИВ, ДРЕМЛИВ, МАМУРЕН. Ако биде поспан, ако поспал малку, тогаш се разбира дека би бил освежен, обратно од она што го вели докторката.
Модерно е сега да се има во институциите лица за комуникација со јавноста. Таква личност се јавува (на телевизија) од битолската болница. Станувало збор за некаква сообраќајна незгода. Но, не била голема. Известени бевме вака: ,,Констатирани му се огреботини и истите се санирани,,. На вакви позиции обично (или редовно) се поставуваат, или треба да се поставуваат лица кои го познаваат добро македонскиот јазик. Но,еве, како и насекаде. Госпоѓата вели – ОГРЕБОТИНИ. Тоа не е наш збор. Треба ГРЕБНАТИНИ или ГРЕБАНИЦИ. Потоа таа вели: ,,Истите се санирани,,. Голема грешка. Редовна во последно време и на телевизијата и во многу пишани материјали. Во конкретниов случај не станува збор дали се санирани тие истите гребнатини или пак некои други. Истите – е заменска придавка и не може да се употребува како заменка. Може да се рече: ,,Констатирани му се гребнатини и тие (не истите) се санирани,,. Чудно е, зошто овој збор – ИСТИТЕ (истиот, истото, истата) во последно време се употребуваат толку често во сосема погрешна смисла.
Има и еден друг збор кој мошне често го среќаваме на погрешно место. Еве еден случај : ,,Убиецот не пружал отпор,,. Или слушаме: ,,На повредениот му била пружена помош,,. Грешка! Убиецот НЕ ДАВАЛ (не не пружал) отпор, а на болниот му била УКАЖАНА помош. Кај нас тој збор е секогаш префиксиран. Спружен, испружен, и има сосема друго значење. Не може да се замени со ДАВА, УКАЖУВА и слично.