Кон 500-от број на Зенит

Со успеси најдобро се слават јубилеите, а Зенит како подарок на читателите им го става на дланка 500-ти број на неделникот. Во денешново јубилејно издание со задоволство констатираме дека зад нас има точно 10 години со по 500 издадени весници. Јубилеите се можност да се слави минатото, но и да се трасира патот на иднината.
Јубилеите се слават со пријателите, со редовните читатели, со долгогодишните поддржувачи и помагачи. Иако вообичаено годишнините се слават со богати коктели, Зенит својот јубилеј го одбележува скромно, без помпензности и раскош, туку со ретроспективно потсетување на страниците на весникот за годините кои изминале, објавувајќи ги на насловните фотографии на Вашиот и Наш неделник.
Најважните и најголемите јубилеи во историјата на постоењето најдобро е кога се одбележуваат со надеж за подобро работење. Во стотиците испечатени страници вршевме ,,директен пренос,, на настаните кои се случуваа во нашата општина. Задоволство ни е што по десет години уште сме овде, присустни во јавноста. Се надеваме дека ќе останеме и понатаму. Во името на редакцијата на весникот, како основачи и главни и одговорни уредници изразуваме голема благодарност до сите соработници, деловни партнери, јавни установи, бидејќи без нивната соработка тешко дека ќе го направевме неделникот со десет годишно постоење. Благодарност до редовните читатели кои што секогаш ни веруваат и прават овој весник и следната деценија да биде популарен, да има што е можно повеќе верни консументи кои ќе бидат задоволни од содржините и воодушевени од објавените фотографии. Се надеваме дека и оваа јубилејна година, и следните кои доаѓаат, објективното и професионалното известување и бележење на настаните и случувањата, ќе биде императив за нас.
Пред десет години токму во мај излезе првиот број, за денес да го имаме 500-тиниот број. Како вчера да беше денот кога се појави првиот број на Зенит. На 2 мај осамна првата статија. Од тогаш до денес минаа десет години, објавени се безброј авторски фотографии, илјадници текстови. Го имаме 500-тиот печатен број. Статистиката вели дека порталот за десет години забележал милионски посети и илјадници фанови на фејсбук – страната. Откако пред неколку месеци беше редизајниран, очекуваме неделникот и натаму да го гледа светлото на денот. Благодарение и на поддршката од читателите и деловните партнери со кои се надеваме на уште многу јубилеи на Нашиот и Ваш Зенит.
Стартуваше скромно, неговите почетоци беа тешки, мошне често неизвесни. Славиме, јубилејни, 10 години од одржувањето на неделникот кој е нашата прилепска гордост и допрва треба да покаже и докаже дека овој негов успех не е случаен, дека треба заедно да ја продолжиме успешната приказна, испишувајќи ја хрониката на Прилеп, одржувајќи се на пазарот. Трајните вредности остануваат запишани во печатениот медиум кој одолева на забот на времето и заборавот. Историјата ја создаваме сите заедно, обележувајќи го времето со нашите победи кои сме ги оствариле како поединци, личности, компании, како чинители во општествената заедница.
Зенит со својот квалитет го задржа епитетот за градски весник кој некогаш во црно бела техника, а сега во колор нуди бројни рубрики со интересни написи. Најважниот јубилеј, 500-от број го споделуваме во надеж дека и во идните години на читателите ќе им приредуваме интересни статии за животот и ќе ги регистрираме успесите на компаниите какви што заслужуваат. Срцата ни се полни со гордост, достоинство, и надеж дека Зенит ќе слави уште многу јубилеи. Надеж дека ќе соработуваме и натаму во заедничкото градење на Прилеп и негувањето на љубовта кон градот свој.
![]()

