Фељтон: Белешките на Томе Велјановски
– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.
Број 9: Вдовци во Марул на кои им умреле жените, не се прежениле, останале дома со своите деца и внучиња
13. Јованоски Ѓорчев Анѓеле женет за Танеска Стојчева Петра од с. Марул. Анѓеле и Петра имаат две деца: Мара и Димитрија. Анѓеле бугарски војник загина на фронто на Добро Поле, Мариово во 1917 година на првиот ден Велигден. Анѓелејца Петра остана вдовица со две малолетни деца. Анѓелејца Петра ги остава децата на свекорот Ѓорче и се премажува во комшиите за Јанкоски Ѓорчев Ристе. Како што кажуваше Димитрија, дедо му Ѓорче ноќе ги виткал во кожуво за да му биди топло. Мара и Димитрија поред домашна помош израстуваат, се удомуваат и си имаат свое потомство.
14. Јованоски Митрев Илија женет за Петра Милеска од село Штавица. До пред војната имале дете машко Јованче. За време на војната се преселиле во Прилеп. Јованче детето умре во Прилеп. Го погребуваат во Марул. Откако завршила војната Илија и Илејца Петра се враќаат во Марул во 1921 година. Селото ја прифаќа нивната жалба. Направуваат пишан договор. Илија две години да ги паси марулските говеда, со тоа селото да му одреди, додели место за куќа. Местото селскиот одбор го одбрал на источната стрна на селото во местото Крушка. Селото му поможило и куќа му направило. Брачниов пар во новата куќа родиле три деца: Василка 1921, Цветан 1923 и Маринко 1928 година. Јованче второ 1930 умрело. Од местото Крушка прекаро Илија му се менува од Курелоски во Крушка, на Тодор од Курелоски во Бубуз.
10. Раненичиња од Марул во Марул дадени за посинување
1. Дамјаноски Дамјанов Никола женет за Маркоска Панда од село Мало Рувци. Со Никола од бракот нивни има едно дете девојче крстено Зора. Мислам дека се родило 1948 година. Детето за кратко време се разболело. На се таа мака да ја ублажат несреќата, го земаат за ранениче детето Јован родено 1948 година од брато Ристе.
Број 11. Раненичиња од село Марул посинети во други места
1. Јованоски Анѓелев Димитрија се жени во 1939 година со Стојкоска Измироска Митрева Донка од село Алинци, битолско. Во 1940 година невестата Донка Димитрица се породува. На породувањето породува две женски деца близначиња. Мајката Донка на породувањето умира. Децата ги крстија Стојна и Стојанка. Стојна умира, Стојанка преживува. Димитрија таткото не бил во можност да го гледа детето и му го дава ранениче, посинета на шурата Спасе Измироски, брат на мајка му на детето Стојанка. Спасе вујкото и вујната ја одгледува Стојанка и ја омажуваат во село Маково за момчето Раде.
2. За сирачињата Јованоски, Мурџески, Стојанови Блаже и Видан беше пишано.
Број 12. Раненичиња земени од други населени места во село Марул
1. Танески Танев Велјан роден некаде во 1815 година, брат на Боше и Наумче Танески. Брачниот пар на Велјан немале деца. Велјан и неговата жена, име непознато, се одлучиле да земат ранениче. Како молба до Гопод и благослов од севишниот, пред да го земат раненичето Велјан го соѕидал кладенецот Велјов кладенец. Некаде во 1840 година Велјан и Велјаница зеле ранениче, посиниле дете од село Веселчани. Името на раненичето му било Тоше. Откако го зеле раненичето на Велјан и Велјаница им се роди дете, девојче. Детето го крстиле Ѕуна. Децата Тоше и Ѕуна порастиле, ги удомиле двете, на Тоше му зеле невеста, а Ѕуна ја омажиле во село Штавица кај конзулите. За да не бара Ѕуна татковина кај Таневци, нејзе и ја доделиле нивата Танеска во местото Горна Равна под Веслец, додека Тоше има една ќерка Сава мажена за Стојан Колески од село Марул. Нејзини деца се: Крсте, Мара, Мојсо и Невена. Само Крсте нема потомство.
2. Велјановски Јовчев Велјан Ганачо од село Лознани, земен раненик кај Гулабоски Николе во село Марул. Гулабоска Ристева Петра од село Марул се омажила за Ганачоски Велјанов Јовче во село Лознани. Јовче и Петра марулчанката имале две деца: Велјан и Менка. Велјан роден во 1868 година, крстен на дедо му Велјан и сестричето Менка родено во 1870 година. Родителите на децата Велјан и Менка во 1872 година умреле од маларија. Децата Велјан и Менка останале сирачиња. Стрикото и вујкото на децата Велјан и Менка се договориле, децата ги поделиле и ги присвоиле. Менка девојчето го зел стрикото, име непознато се преселил во Битола кога порастила Менка девојка ја омажиле во село Мегленци за Мице Крушкоски Борачот Мечката. Во 1904 година во село Арматуш грчките андарски чети ги заклале и ги погребале во село Добромир, оставиле три деца сирачиња: Ванѓел, Петре и Трајана. Децата се раздадени на фамилии, Ванѓел во село Будаково, Петре и Трајана во село Суводол. Трајана мажена во село Живово, сите имаат потомство. Еве ја лозата Ганачовци Лознани Марул: Велјан, Јовче, Ристе, Благоја, Гулаб, Игор и Лука.
Продолжува
![]()

