КОФА СО ЗЛАТО ЗА МАРИОВСКО ДОБРО ПОЛЕ

dobro-pole

Во селата во Мариово постои приказна дека пробојот на Добро Поле за време на Првата светска војна, бил купен за кофа злато, која непознат француски генерал ја дал на бугарски генерал. Дел од постарите жители самоуверено уште раскажуваат, така што човек би помислил дека присуствувал на предавањето на поткупот.

Нормално, далеку од разум е дека некој би можел да посведочи, ама не може да не се прашаме дали има вистина во оваа приказна и од каде потекнува. Во октомври 1928 г, додека во тогашна Југославија се одбележува 10 годишнината од завршувањето на Првата светска војна, во Бугарија се случува интересен судски спор поврзан со пробојот на Добро Поле. Вдовицата на генералот Иван Луков, за изнесена навреда врз нејзиниот сопруг, го тужи бившиот министер Добри Петков, кој во својата брошура ,,Виновници за пропаста на Бугарија во 1918 година,, го обвинува највисокото раководство на Бугарија за пропаста на војната и воедно покојниот генерал Луков за предавство. Според Добри Петков, основ за ова обвинување, покрај другото била изјавата на францускиот генерал Франше Д’ Еспере за време на потпишувањето на примирјето во Солун (30.09.1918), која наводно тој ја изговорил пред бугарската делегација: ,,Жалосно е, но кај Вас има и предавници, кои јас како војник ги презирам,,.

За тоа време (октомври 1928) Франше Д’ Еспере е во посета на Југославија. Прашан од новинарите дали се сеќава на овој настан и дали навистина го изговорил тоа. Генралот одговара дека добро се сеќава на тој ден, но негира дека рекол такво нешто. Франше д’ Еспере никогаш не сведочел пред бугарскиот суд. И да сведочел, тешко дека би фрлил дамка врз победата на сојузничките војски или пак директно би се мешал во внатрешните работи на Бугарија. Судскиот спор завршува во полза на вдовицата на генерал Луков и со затворска казна за Добри Петков.

politika 2484 1928 10 08 009

Овој судски спор бил тесно поврзан со нестабилната ситуација во Бугарија и борбите за превласт, во кои и двете страни меѓусебно се обвинувале за предавство и расипништво. Биле поставувани прашањата: зошто пробојот се случил на Добро Поле, а не во Дојран, зошто бугарската војска не преминала во против напад и тн.

Во тогашна Југославија се пишувало за овие настани. Се претпоставува дека тука е и изворот на приказната. Дали има вистина е комплицирано прашање, на кое одговор треба да дадат историчарите. Факт е дека при крајот на Првата светска војна состојбата во бугарската војска била исклучително лоша. Војниците биле гладни и недоволно опремени. Бунтовите и дезертирањето биле честа појава. Не било прашање ,,дали,, , туку ,,кога,, и ,,на кое место,, би бил пробиен фронтот. Командата на Антантата одлучила тоа да биде делот кој го држел српската војска, која воедно имала и најголем интерес што побрзо да заврши војната. Силите на Антантата концентрирале околу 550 топови околу Добро Поле во Мариово. Биле далеку побројна и поопремена војска, наспроти деморализираната и слабо опремените бугарски единици. Количествата гранати кои паднале врз бугарските ровови биле гарант за успехот на битката за Добро Поле. Тешко е да се верува дека имало потреба за било каков ,,поткуп,,. За кратко време сојузничките војски постигнале голем успех на македонскиот фронт, чија што судбина веќе била позната.

politika 2484 1928 10 10 007

Од друга страна, неизвесно било дали Бугарија ќе продолжи со борбите и ќе го жртвува населението за сојузникот, Германија. Бугарскиот крал Фердинанд со германско потекло ја поддржувал оваа идеја, наспроти многу генерали и претставници на владата, кои ја знаеле ситуацијата на теренот, а кои не се согласувале и биле за прекинување на борбите и промена на власта. Во превирањата имало изјави за предавство и расипништво и од двете страни. Борбите за превласт продолжиле и по завршувањето на војната. Наивно е да се верува дека во ваква ситуација немало влијанија од други земји, дури и поткупи. Но, тоа се сложени политички игри надвор од сечие разбирање. Сепак тие даваат добра подлога за дискусии, шпекулации и приказни кај обичните народни маси. Во ситуација на низок животен стандард, приказните поврзани со злато и скриено богатство секогаш се актуелни, особено во Мариово, кое заборавено од сите, полека станува рај за дивите копачи, мотивирани токму од вакви приказни. 

Loading