Случајна средба на дрвеното мовче на прилепската река. Наидува познајник со кого подолго не сме се виделе. Мислевме, ќе се поздравиме и ќе се разминеме. Познајникот не запира. Ракување.
– Уште ти остана последниот оптимист – вели познајникот.
– Не те разбирам- му велиме.
– Ги читам написите за јазикот. Забелешки држат место. Се согласувам. Но, тешко ќе се постигне некаков резултат. Работава е сосема наопаку. Затоа велам дека ти остана последниот оптимист.
Поразувачки дејствува оваа констатација. Останавме без одговор. Промрморивме нешто. Се разделивме со поздрав. Страшно! Последниот оптимист. Можеби не баш последниот, си велиме, но сигурно во последните. Во малубројните занесенковци кои оддржуваат некаков оптимизам.
По неколку дена, во близина на градскиот часовник, среќаваме човек кого го познаваме само како сограѓанин. Ни пристапува.
– Одамна сакам да поразговараме – вели!
-Ќе ја загубиме битката – продолжува тој.
– Не знам за каква битка мислите – му велиме.
– За јазикот. Редовно Ве читам во Зенит. Ме интересира таа проблематика. Слушав на радио емисија за јазикот. Зборуваше професорка по македонски јазик. За чудење е колку грешки направи. Особено во акцентирањето. Се јавив. На телефон. Изгледа ништо не помага. Затоа заклучив дека ќе ја губиме битката.
– Што можеме – велиме. Таква е ситуацијата. Таа професорка не е ни прва ни последна. Ги има многу, да не речеме премногу.
Се разделуваме. Двете средби дејствуваат поразувачки. Зар навистина треба да исчезне секаков оптимизам, дека сепак, може нешто да се поправи. Дека ќе се појави некоја поголема институционална грижа.
По извесно време – нов шок. Гледаме дел од толку очекуваната ,,Златна бубамара,,. Според јазикот, не ќе да може да се рече дека е златна. А публиката (многубројна) се смее. Се шири смеата во бранови, а врнат грешки како од најсилен дожд. Ни падна в очи едно момче. Актер бил. Така го најавија. Ја засмева публиката. Во некоја метафорична смисла, го употребува зборот РАКИЈА. Онака, обична, што ќе ја сварел Шилегов. Била ШИЛЕГОВАЧА. Потоа се редат разни видови ракија – КОЦЕВАЧА (Коце Трајановски), ГРУЕВАЧА, СДСМОВАЧА и многу други. Меѓу нив и СЛИВОВАЧА. Каде ли ги најде овие форми на овие именки? Барем за СЛИВОВАЧА се знае дека на македонски гласи – СЛИВОВА или СЛИВОВИЦА. Според онаа изведена од презимето на Шилегов, би била ШИЛЕГОВКА или ШИЛЕГОВИЦА. А актерот ги чита како од Речникот на Вук Караџиќ. Не беа само грешките од овој вид. Тие се многу, недобројни. А народот, публиката, се смее ли се смее! Се смее на смешките од момчето, претставено како актер. Ни падна на ум забелешката на пријателите. Констатацијата дека ја губиме битката и дека сме последниот оптимист. Да, последниот оптимист зашто уште мислиме дека актерот треба да го знае својот јазик. И тоа убаво да го знае. А народот се смее. Се кркоти. Потскокнува од своите столчиња. Не го интересира каква била ракијата. Смеј се народе македонски! Барем во тоа не може да те спречи никој! Смеј се на македонски јазик, иако смешките се испомешани и со други јазици.
А ние лично, уште непоправливо се надеваме дека ќе го напуштиме последното место.
Можеби е поточно ако речеме дека само се инаетиме.
![]()

