КОВИЛОСКИ ДОБИ ПРИЗНАНИЕ ЗА „ПРИЛЕП И ПРИЛЕПСКО ВО 19 ВЕК“

ДРЖАВНА НАГРАДА ЗА НАУКА  „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

koviloski 27

Годинашен добитник на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ е д-р Славчо Ковилоски. Ова го соопшти Одборот за доделување на наградата при Министерството за образование и наука. Во образложението стои наградата му се доделува за особено значајни остварувања од интерес за Македонија во областа на науката. Станува збор за трудот „Прилеп и Прилепско во 19 век (културно-историски процеси)“ објавена во 2017 година.

Наградата „Гоце Делчев“ се доделува за дела од областа на науката, а прв добитник е Блаже Конески во 1949 година. Меѓу носителите на ова највисоко државно одликување за наука биле и Гане Тодоровски, Орде Иваноски, Димитар Димески, Љубен Лапе и други. Наградата се доделува секој 4 мај (денот на загинувањето на Гоце Делчев во селотоБаница), на три монографски изданија, со посебна свеченост во Собранието на Македонија. Покрај Ковилоски, носители на оваа награда годинава се и д-р Енис Рафет Јакупи за архитектура и д-р Дончо Донев за медицина. Наградата ја врачи претседателот за Комисијата за доделување на наградата при МАНУ, академик Владо Камбовски.

Наградата е значајна затоа што првпат се доделува за книга посветена на еден град, во овој случај културно-историскиот развој на Прилеп во 19 век. Со тоа, на Прилеп му се оддава посебно значење во културниот развој на Македонија. Според рецензентите проф. д-р Силвана Сидоровска-Чуповска, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, д-р Владимир Караџоски и протоереј Златко Ангелески, книгата претставува корисно четиво за идните истражувачи и пошироката читателска публика. Таа е методолошки беспрекорно изработена. Критичарите оценуваат дека со оваа монографија Ковилоски изградил споменик на Прилеп, Затоа заслужил да биде еден од најмладите добитници на престижната награда.

При соопштувањето за добивањето на наградата, Ковилоски потсети дека треба да се создаваат повеќе вакви роднокрајни истории, кои би било убаво да се несебично поддржани од локалните власти. Научните работници да не се оставаат сами. Фактот што наградата го носи името на македонскиот великан, укажува дека треба да се бориме да го зачуваме македонскиот јазик, историја и култура, односно македонскиот идентитет.

Инаку, монографијата ,,Прилеп и Прилепско во 19 век (културно-историски процеси),, претставува прво и засега единствено македонско научно дело, посветено на еден македонски град, во кое што на 528 страници е предадена целокупната културна и политичка историја на градот. Обработени се просветители и учители, црковни дејци, книжевници, музичари, уметници, театарски работници, односно сите оние кои што на било каков начин се вградиле во историјата на градот. Посебен осврт е даден на Прилепската црковно-училишна општина, како главен придвижувач и носител на потребите на прилепчани за автономија и самостојност. За потребите на монографијата,  на која авторот работел шест години, е искористен богатиот архивски материјал, од кој голем дел се објавува првпат.

Монографијата веќе служи како извор за научните истражувачи и за читателите кои сакаат да дознаат повеќе за културната историја на градот. Поради целосното исцрпување на тиражот, се подготовува објавување на второ издание.

Д-р Славчо Ковилоски е научен соработник во Институтот за македонска литература (одделение за 19 век), при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј,, во Скопје. Автор е на повеќе од 20 стручни монографски изданија поврзани со македонската историја, книжевност и култура. Голем дел од творештво е посветено на Прилеп. Учесттвувал на повеќе научни собири во земјата и во странство. Член е на Друштвото за наука и уметност (ДНУ) во Прилеп. Остварил членства и во Хрватското книжевно друштво (ХКД) во Риека и во Здружението на историчарите на Македонија. Бил главен и одговорен уредник на најстарото македонско списание за литература, култура и уметност ,Современост,,. Добитник е на неколку награди, меѓу кои, ,,13 Ноември,, и ,,Големата Мајка,, за наука, ,,Прозни мајстори,, за раскази и ,,Јован Котески,, за поезија.

Loading