Топло-ладно во Еурокомпозит
Новиот в.д. директор на Еурокомпозит, Гоце Јагуриноски е од редовите на штрајкувачите. Доколку не се исплати плата, подготвен е да поднесе оставка и да се приклучи кон колегите кои 4 месеци се во атмосфера на “топло – ладно”, меѓу лажни ветувања и трошки надеж. На повторна блокада на патиштата е подготвен и штрајкувачкиот одбор, кој, откако Управниот одбор го назначил Јагуриноски, ги стави протестите во мирување. Без ветената плата, ќе бидат принудени да го попречат и првомајскиот излет со повторно блокирање на патиштата. Работниците ја зедоа последната плата на 9 март. Нема ни нови договори за работа.
Јагуриноски ќе биде директор до 21 мај, до собранието на акционерите.
– Има еден договор со МВР од пред 3 години. Земани се средства, а нема испорачувано стока. Треба да се испорачаат за МВР. Цивилната продукција е многу мало. Нема други договори – вели Јагуриноски.
Околу 260-те работници побаруваат 16 плати и придонеси од 2012 година. Се чека и Програмата за технолошки вишок.