Интелигенцијата во политичкиот живот
Интелигенцијата, тоа е објективност. Недостоинствено е за интелигенцијата да биде нечија слугинка или дел од скопената јавност. Дали овие 70 години можеше интелигенцијата да избегне да се најде во прангите, во егзил, во безнадеж, во тишина. Зошто интелигенцијата молчи? Затоа што í кажуваат што да зборува. Зборот не може да го урне ситемот. Ако може, и нека го урне.
Магнетниот пол на македонската интелигенција е премногу јак за политики заскитаните бродови, преполни со субјективизам и личен интерес. Интелектуалецот е свесен дека зад секое богатство се кријат десетици човекови судбини. Кај мудрите, славата се изедначува со срамот. Тие, колку повеќе имаат во себе, толку помалку сакаат за себе. Воспитани се да живеат со малку, а не со многу.
Не поддржувам разговор на сметка на знаење и достоинство., но имам вродено чувство за почит кон другите. Интелигенцијата е таа која на широките слоеви мора да им овозможи увид во проверени вредности, оние на кои што нé учи транзицијата и кои го издржале судот на времето.
Великаните на македонската култура многу направија за својот народ, а многу денешни интелектуалци работата против својот народ, оттуѓувајќИ се од него. Да ги спомнам солунските атентатори. Тие се фрлија во смртта. Тоа е страшно обвинение на борбата против сите неправди на светот во кој живееја за да се раздвижи заспаната совест на Европа. Интелигенцијата, никогаш никого на власт, а многумина сочува на власт. Интелектуалецот во општеството мора да ја игра улогата на морален аларм.
Нека слушнат нашиве политичари некои поучни примери. Некогашниот италијански претседател Сандро Пертини во претседателската палата ,,Квиринале,, живеел само кога вршел службени работи, а ноќе се селел во мал изнајмен стан во близина на палатата. Со гестот сакал да го одвои државното од приватното, што на нашиве многубројни владетели не им паѓа ниту на памет. Друг пример, по посетата на Хрватска е финскиот претседател Саули Нинисто. Тој заминал со нискобуџетски авионски лет на релацијата Сплит – Хелински за 61 евро. Не само што се откажал од службениот авион, туку не сакал да купи билет во прва класа на некој од комерцијалните летови.
Сите големи интелектуалци како политичари се големи аматери. Антоан Лавоазије, француски благородник и познат голем научник по хемија, бил очаен министер за внатрешни работи на Франција. Причина е тоа што тешко се вклопувал во лошо друштво, кое се викало полиција.
Не знам како е режирана македонската политичка сцена, но знам дека сериозните и совесни луѓе се понастрана. Во политиката, волјата е сé, интелектот е помалку значаен, а етиката ништо. Отрезнувањето е секогаш елемент на внатрешната политика, а идеализмот на надворешната политика.
Посебно апелирам до македонската интелигенција да не стои понастрана и сето свое знаење, углед и снага да ги стави во служба на националниот спас и македонската преродба. Пак ќе се послужам со пример кога Алиса, девојката на солунскиот атентатор Константин Кирков го праша со извик – ,,Коста, каде,,? и го доби одговорот – ,,Таму кад што ме води мојот долг,,. Емил Зола, Писаро, Монет направиле за одредено време да ја одложат својата творечка работа за да можат да се замешаат во актуелните настани.
Тоа е интелектуалец. Тоа е смислата за одложување. Тоа што најдобро можеме да си го посакаме, тоа е повторно да ја откриеме таа смисла и подготвеност. На стариот часовник, сопственост на еден од солунските атентатори пишува: NEST PAS UN MAL – смртта не е зло. Историјата ги посинува оние кои во одредени моменти знаат да се побунат против неа. Во спротивно, вистинскиот патриот може да се срами од сопствената земја.
Прим. Д-Р. Благоја Дамески
![]()

