МОЖЕА СО ВАРДАР, МОЖАТ И СО ШКЕНДИЈА

Фудбал: Победа ги зголеми шансите за опстанок

– Евидентен е прогресот во играта – смета тренерот Мегленски

Pobeda

Ништо не е неможно во фудбалот. Ова го потврдува Победа. Во неделата триумфираше над шампионот, второпласиран на табелата, Вардар, со убедливи 2-0 на неутралниот терен во Струмица. Покрај стрелците на головите Гешоски и Даноски, честитки примија сите играчи, како и голманот Тофилоски.

Тренерот Тони Мегленски заслугата ја припиша на фудбалерите:

– Победата е на фудбалерите кои беспрекорно ги исполнија задачите. Со професионалниот пристап сфатија што се бара. Така, од натпревар во натпревар евидентен е прогресот во играта. Покажуваат каква треба да биде борбата за дресот на Победа. Триумфот е мотив за продолжението од првенството. Се дополнува професионалниот приод во клубот, донесен од новото раководство. Резултатите доаѓаат – рече Мегленски.

Зголемени се шансите за опстанок. Од една страна, придонесе екипата на Победа, а од друга, резултатите на ривалите. Скопје го загуби здивот преку поразите од Работнички и А. Пандев и ремито со Силекс, Пелистер со новиот неуспех од 0-4 со Работнички, а и Шкупи и Ренова загубија, од Шкендија, односно Силекс. Претстои пресметка со новиот шампион Шкендија. Со најдобриот, најквалитетниот ривал, нема предавање. Прилепскиот состав знае да изненади. Затоа се очекува голема борба. Ако можеа со Вардар, можат и со Шкендија. Радува пожртвуваноста и колективната игра. Одбраната е поцврста и нападот се разигрува. Засилувањето Даноски трет меч со ред постигна гол (вкупно 4) и покажува дека тетовчаните ќе се мачат да го задржат.

Претходно, во средата, се одигра натпреварот во Скопје: Шкупи – Победа (  –  ).

Loading