Регионалната стопанска комора со нов претседател

Ирена Јакимоска, главниот менаџер и косопственик на компанијата Комфи Ангел, е новиот претседател на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора од Прилеп. Јакимоска доаѓа на местото на Симон Наумоски, кој по две децении успешно водење на бизнис заедницата реши да се повлече и местото им го препушта на младите кадри кои цени дека сосема успешно ќе го заменат.

– Се повлекувам пред сè поради тоа што ми наложуваат годините. Имаме многу млади кадри сосема успешно ќе ме заменат на оваа позиција. Преблагодарен сум, зошто работев со многу силен состав на Управниот одбор. Сите секогаш беа актуелни во своите настапи, предлагања и решенија по актуелни стопански теми поврзани со општината и пошироко – рече Симон Наумоски, досегашниот претседател на РСК-Прилеп.
За Јакимоска, која е избрана за една од најуспешните жени – менаџерки на Македонија според агенцијата Марили, функцијата е предизвик.
– Голем предизвик стои пред мене од причини, што секогаш треба да бидеме подобри и да одиме напред. Ќе ја оправдам довербата и во соработка со локалната самоуправа водена од градоначалникот Илија Јованоски ќе бидеме уште поуспешни. Основна намера е да ги застапуваме интересите на бизнис секторот, за развој на нашата општина, затоа што на крајот на денот сите ние друго место на живеење, освен Прилеп, немаме. Треба сите подеднакво да се инволвираме и да вложуваме за да го направиме подобро место за живеење и работење – изјави Јакимоска.
Покрај досегашниот и актуелен заменик – претседател, генералниот директор на „Прилепска Пиварница”, Сашко Самарџиоски избран е уште еден заменик -претседател – Јасна Ажиевска Петрушева, извршен директор на Мермерниот комбинат.
Управниот одбор беше проширен со уште два нови члена, од „Марфил” и „Акомпласт”, а наскоро се очекува и дополнување со претставник од „Гентерм”. Беа верифицирани и мандатите на неколкумината нови в.д. директори на прилепските јавни претпријатија на пленарната седница на која присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски. По пензионирањето на Ристо Најдоски, нов извршен директор е Горан Попоски.

Директорот на Проектот за факторинг Ловре Ристевски, одржа предавање за „Факторингот како алтернативен извор на финансирање”, а Валентина Цветковска од Стопанската комора на Македонија го презентираше Сертификатот за деловно работење EXCELLENT – SME и бонитетни извештаи за компаниите.

![]()

