
„Everglow“ е тематската изложба од Анита Сот (Јовеска) што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“. Нашата уметница на првата самостојна изложба ќе се претстави со триесетина дела преку кои ја пренесува инспирацијата, за која вели дека ја наоѓа околу себе, во играта на боите, флората, движењата, луѓето, секојдневието.
-Ме исполнува создавањето на EVERGLOW. Toa e екпериментирањето со различни медиуми и начинот на кои реагираат боите отсликувајќи го моменталното чувство на експресија, рефлектирајки апстрактни чувства на среќа и топлина, давајќи жед за живот, жед за сонување – вели Анита.
Според историчарката по уметност Викторија Димеска творештвото на Анита Сот изобилува со облици и форми ослободени од сопствената контура.
– Низ делата се провлекува амбиент, каде што облиците потсетуваат на чудесни флорални и фаунски аморфни организми. Фантастичните единки се полни со живост и динамика, вибрираат со една суптилна хармонија во бојата и композицијата – вели Димоска.
Сот дипломирала на Националната ликовна академија во Софија во 2008 год. Работи како професор по ликовна уметност. Како академски сликар работи во мешани медиуми, вклучувајќи многу матријали. Изложувала на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во Бугарија.
![]()

