ЧОВЕЧКАТА СУДБИНА ВО „ПИРЕЈ“

Премиера во театарот

Pirej po vtor pat na teatarska  scena ovoj pat vo nasiot teatar

Вечерва на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ од 20 часот ќе се изведе премиерата на претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Ова е второ претставување на култниот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски на театарската сцена, а првата реприза е утревечер.

– Претставата преку паралелни сцени кои ги отсликуваат животните приказни на сопружниците Јон и Велика, еден на фронт, а друг во селото. Таа дава две перспективи на човековата деструкција поради општествени, социјални и политички причини. Ликот на Велика е симбол за македонската жена од тоа време која постојано добива безмилосни судбински удари. Војната í зема сé, а таа продолжува да се бори. Јон станува ѕвер, оти бил сведок и учесник во најгрдите настани на фронтот. Јон е доведен во ситуација да го зароби сопствениот брат се претставува принудното братоубиство и апсурдот. Приказната со документаристичка основа е раскажана на народен јазик.  Проткаена е со детали за животните навики. Таа е силна слика за поединецот и неговото уништување во време на војна – велат од ансамблот на театарот.

Музиката е на Димитар Андоновски, костимите ги изработи Андреј Ѓоргиевски, додека пак сценографијата е дело на Валентин Светозарев. Драматизацијата ја изработи Љупчо Ѓеоргиевски во соработка со драматургот Ивана Нелковска. Во претставата играат Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Најдо Тодески, Трајче Иваноски, Александар Тодески, Андон Јованоски, Виолета  Чакарова, Цветанка Чавлеска, Димитар Вандески, Виктор Мирчески,   Давид Папазоски, Даниел Трајкоски, Фросина Богеска, Андреј Димитриовски, Илина Стефаноска, Александар Ристески, Надица Ѓорѓијоска, Илин Ристески и   Георгина Апостолоска.

„Пиреј“ е прв роман на Петре М. Андреевски објавен во 1980 година. Тој стана најчитана книга, во која секој на свој начин ја препознава колективната голгота од нашето историско паметење. Опфаќа еден од најтешките периоди од македонската историја и ги следи настаните кон крајот на владеењето на Отоманската империја, периодот од Балканските војни, Првата светска војна како и поствоениот период. Во времиња на пустош, глад, безнадежност, болести, колежи и палежи, ,,Пиреј,, претставува уникатна слика за македонскиот народ, размислувањето на обичниот селанец и процесот на негова асимилација и денационализација. Романот е обележје на македонскиот модернизам.

Режисерот Љупчо Ѓоргиевски досега режирал преку 60 претстави во Македонија. Правел претстави и во Косово, Бугарија, Романија, Русија, Татарстани, Турција. Поставувал дела од светската класика и современа драма, како и македонски драми. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма ,,Бегалка,, , ,,Македонска крвава свадба,, и ,,Парите се отепувачка,,. Негови претстави се прикажувале на сите фестивали во Македонија. Со претстави гостувал во сите центри на балканските простори, низ повеќе градови во Европа, Австралија, Канада и Америка. Добитник е на повеќе награди и признанија.

Loading