Ракомет: Плеј-аут во Супер лигата
-Прилеп падна на дното по поразот во Скопје
Тешка пролет за екипата на Прилеп. Се редат порази како ретко во минатото. Последниот триумф беше на 5 декември дома, со 29-24 против Борец. Оттогаш се само неуспеси со: Пелистер, Еурофарм, Вардар јуниор, Охрид, Радовиш, Борец, повторно Радовиш, Вардар јуниор. Важни за опстанокот беа мечевите со ривалите од плеј-аут зоната, вклучително последниот со Вардар јуниор во Скопје. Се веруваше дека е можен триумф, но резултатот 34-23 зборува дека очекувањата биле нереални. Домашните уште на почетокот воделе со пет разлика, до одморот зголемиле на седум.
Претстои голема неизвесност околу опстанокот. За Прилеп секој противник ќе биде тежок во останатите пет меча. Следниот е на 6 мај дома со Металург јуниор, потоа пак дома, со Борец, па во Радовиш, дома со Вардар јуниор и на крајот кај Металург 2 во Скопје. Ако се земе предвид дека едно коло е слободна, екипата на тренерот Оливер Димитриоски има голем проблем. Поволно тоа што претстои празен период за подготовка на екипата и да се поправат слабостите. Доколку не се избегне дното, претстои бараж-меч со второпласираниот од Првата лига, а тоа моментно е Металург јуниор.
Табела: Радовиш 29, Металург 2 – 13, Борец и Вардар јуниор по 12, Прилеп 10.
Денеска за Куп
Екипата на Прилеп има обврска да одигра барем еден меч во Купот. Во рамките на групата што игра во Битола, денеска ќе се сретне со домашниот Еурофарм, па секако извесен е пораз. Останатата осминафинална двојка е Струга – Радовиш.
Во женскиот куп се игра четвртфиналето. В сабота (17 ч.) во ,,Ричко”, Деспина се судира со фаворитот Металург, а за првенство по осум дена му гостува на шампионот Вардар.