Фудбал: Нова промена во Победа
– Неговото деби е в недела со Ренова

Сезонава е една од најтешките за Победа, според тоа колку клубот е приморан на промени, а при тоа да се земе во предвид дека обично се менува таму каде што не оди планираното. Покрај промените во управата, во играчкиот кадар, се случија промени и на позицијата шеф на Стручниот штаб. Прво беше битолчанецот Зоран Штерјовски, потоа Црногорецот Славољуб Бубања, па Србинот Слободан Крчмаревиќ, кој се задржа само три кола (победа од 2-0 со Работнички, порази со по 0-1 од Силекс и Скопје), така што од вторникот обврската да се избори за прволигашки опстанок е на Тони Мегленски.
Мегленски можеби е и најочекуван. Тренерите отстрана, колку и да се искусни и докажани, не можат за кусо време да се адаптираат. Потребно им е време да ја запознаат лигата, градот, клубот, играчите. Оттука и предноста на Мегленски, кој од дете е тука, израсна во репрезентативен калибар, беше со екипата освојувач на купот и двете шампионски титули. Пред три недели кога Крчмаревиќ го доби признанието тренер на колото, по триумфот од 2-0 над Работнички, јасно беше дека зад успехот стои токму Мегленски.
– Имам понуда од странски клуб, но сите добро знаат што значи за мене Победа. Клубот ми бил и второ семејство и затоа чувството дека сега и во оваа ситуација сум му најпотребен. Бев со него кога се освојуваа титули, но и кога се минуваше трнливиот пат од Третата кон Првата лига. Потребен сум и на екипата и напорно ќе работам за да го оствариме планот. Само обединети и сплотени, поддржани од нашите навивачи, можеме да ја оствариме целта – изјави Мегленски.
Има се уште шанси и треба да се верува во опстанок до крајот. Преостануваат 10 кола, во кои шест меча се на гости (Ренова, Пелистер, Шкупи, Академија Пандев, Работнички, Скопје), а четири на неутрален терен (Вардар, Шкендија, Силекс, Ренова). Првиот е в недела, кај Ренова, во Тетово.
Табела: Шкендија 66, Вардар 48, Силекс 40, Работнички 32, А. Пандев 31, Шкупи 29, Ренова 28, Победа 25, Пелистер 24, Скопје 24.
Крчмаревиќ
Навивам за Победа
Крчмаревиќ заминал поради ангажман на друго место, како што всушност бил договорен. Издвојуваме дел од неговата изјава.
– Се заблагодарувам за пречекот и соработката… Искрено верувам дека фудбалерите заслужуваат да останат во Првата лига… Сите обврски кон сите во клубот се подмирени… Им посакувам среќа на сите и ќе навивам за Победа.
![]()

