ДИЈАСПОРАТА ПОДДРЖУВА НАРОДНО СОБРАНИЕ

20180331122952

Потребно е формирање на Народно собрание што ќе вклучува луѓе од татковината и дијаспората и заедно да градиме стратегија за иднината. Паралелно е потребно да го поддржиме движењето ,,Ние сме Македонија,,.

Ова го изјави Мето Колоски, претседателот на Обединетата македонска дијаспора. Според него, државата е на народот, народот одлучува за иднината на државата, а дијаспората ќе помогни околу сите битни прашања што ги засегаат Македонците.

-Имавме скоро 40 протести низ земјава и светот за два месеца. Се виде колку народ се собра, видовте во Скопје и Австралија. Благодарејќи на многу луѓе од Прилеп и на младите кои излегоа на тие протести, се покажа сериозната загриженост за иднината. Оваа држава останува на младите. Ние треба да видиме каде ќе ја оставиме државата, а младите, се надеваме, ќе ја водат на правилен пат. Тука сме да ја поддржиме Македонија, да соработуваме еден со друг, да веруваме дека народното собрание ќе ги брани интересите на македонскиот народ – рече Колоски.

Тој повтори Македонците во светот се против промена на уставното име, бараат повлекување на законот за двојазичност, го поддржуваат унитарниот карактер на државата и непроменувањето на уставот.

– ОМД веруваме дека мнозинството на народот не сака и нема да прифати промена на уставното име. Бараме македонската влада и сите македонски партии да се согласат да се прекинат преговорите за промена на името. Бараме надпартиска платформа, наша црвена линија. За жал, македонските партии тактизираат со иднината на државата со ова прашање. Со Законот за јазици, кој е противуставен закон се сменува карактерот на државата. Не поддржуваме промена на унитарноста, суверенитетот на Македонија и ќе се бориме на тоа прашање. Уште од јули нашата организација се изјасни против Законот за јазиците. Продолжуваме да го охрабруваме претседателот да не го потпишува  Законот и тој да не влези во силау. Македонската нација и државата треба да сватат дека дијаспората е огромен потенцијал. Сакаме да ја гледаат дијаспората како партнер во градењето на иднината на државата – изјави Колоски.

Координаторот на протестите во Прилеп, Гоце Стефаноски, изјави дека идејата за формирање на Народно собрание е добро прифатена во сите градови на Македонија.

-Македонското народно собрание има поддршка од сите Македонци во земјава и надвор, во дијаспората. Тоа е обединување на цел македонски народ. Не го даваме името, не го даваме јазикот. Македонскиот е официјален јазик во Македонија. Ние сме за унитарна Македонија. Во сите градови во Македонија ќе се организираат народни парламенти со свои претставници во државниот парламент – најави Стефаноски.

Loading