Ракомет: Тони Димоски, спортист од глава до петици
-Прифатив на 50 години, оти ми е жал за клубот и градот

Покрај поразот (29-34) дома од Радовиш, екипата на Прилеп покажа подобрување во играта. Тоа се должи на новите во составот повратниците Ангеловски, Бозароски, Петкоски и голманот Димоски. Тој ги доби најдолгите аплаузи оти прифати на 50 години да се застане меѓу стативите. Тоа досега не е забележано.
-Прифатив на овие години затоа што ми е жал за клубот, за градот. Прилеп сакам и во иднина да има суперлигаш. И порано сум одел напомош кога ме барале. Нешто слично беше со Тиквеш пред 15 години. Таму бев по препорака од Перо Кузманоски – Тастата до нивниот тренер Трајче Камчев.
Браните и за ветераните?
-Редовно. Кога играм со нив, сите се чудат како Прилеп дојде до ова ниво. А тука имало големи спектакли. Еден час пред почетокот салата била преполна.
Шансите за опстанок на Прилеп?
– Оптимист сум. Децава се вратија, има позитивна енергија. Сега сме слободни, потоа играме уште еднаш со Борец, двапати со Вардар јуниор и Металург јуниор. Двата ривала се тука некаде, на наше рамниште и верувам дека ќе ги добиеме.
Здравјето?
– Се чувствувам подготвен. Ги извршив сите спортски прегледи и сé е во ред. Малку рефлексите сум ги загубил, но со работа ќе се вратат. Се трудам и верувам дека ќе успеам. Не ми е тешко, оти желбата да помогнам е преголема. Да не дозволиме отпаѓање, оти тешко е враќањето.

Живееш спортски?
-Не сум дозволил вишок на килограми. Работам, возам велосипед по 35-40 километри, посетувам вежбалница. Здравјето ми е без проблем.
Сетете се на почетоците?
– Некаде во сезоната 1985/86, имав пет настапи за Младинската репрезентација. Во Тутунски дебитирав во Втората југословенска лига, со тренерот Ангеле Гулески. Прв голмански учител ми беше Тошко Арапчески, покрај Диме Богданоски на голот. Потоа се редеа уште клубови: Хајдук Вељко, Тиквеш, Борец, а бранев и во Хедис, за мал фудбал.

Иднината?
– Сега планирам да ја завршам оваа сезона, а за натаму – здравје. Сакам да помогнам во оформувањето на младите голмани, Илчо Ивчески и Иван Ангелески, во кои гледам голем потенцијал.
Деспина – Куманово
Убаво расположение во редовите на женскиот тим Деспина по гостинскиот триумф со 25-32 во Гевгелија. По 9 гола дадоа Гичева – Конеска и Димова, М. Камческа 5, А. Камческа 3, по 2 Л. Рипилоска, Јовеска и Е. Рипилоска. Во четвртокот беше гостувањето на Овче Поле во Свети Николе, а викендов е дуелот дома со Куманово.
![]()

