ТОЧНО 50 МЕЧА НАСТРАНА ОД ГРАДСКИ

Фудбал: Победа јуначки издржува од 2014 година

За четири години дома се одиграни само 9 натпревари

Mecot so Ljubanci od 2016  godina

Дури и странски медиуми почнаа да пишуваат за подвигот на Победа – неиграњето на домашен терен. Тие сметаат дека клубот може да влезе во Гинисовата книга на рекорди, затоа што пролетва сите шест меча ги одигра надвор од Прилеп и на терени на шест места. Против Пелистер (1-1) беше во Турново, со Вардар (0-3) во Скопје, со Шкупи (3-3) во Битола, со Шкендија (0-3) во Тетово, со Академија Пандев (0-0) во Охрид и со Работнички (2-0) во Струмица.

Чудото би изгледало многу поголемо, ако се земе предвид дека Победа не само пролетва, ами долги четири години се судира со овој проблем. Почетокот беше пролетта 2014 година, кога се реновираше теренот на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев”. Тогаш, на 8 март, првиот пролетен второлигашки меч со Локомотива (3-1) се одигра во Битола. Малку подоцна беше дотеран и стадионот ,,Могила”, каде беше дуелот со Врапчиште (2-1). Се веруваше дека ,,Могила, ,,Тумбе Кафе” и другите, ќе бидат само привремени терени за домашните натпревари, а од есента ќе биде враќањето на Градски. Враќањето се случи дури есента 2015, но и бргу заврши, бидејќи по дербито со Македонија ЃП следеше суспензија на теренот и пак играње надвор. Долгоочекуваните дуели во пролетта 2016, со Љубанци (1-0) и Влазерими (2-0) беа со над 5000 гледачи, како добра најава за влезот во Првата лига. Но пак се испречи ново реновирање, не само на теренот, туку и на целиот објект, што трае до денес. Така, во овие четири години, за куп и првенство на Градски беа одиграни само 9 меча, Останатите 49 беа или на ,,Могила” или во други градови. Ги сметаме и мечевите на ,,Могила”, бидејќи и таму Победа не е вистински домаќин, како тоа што е кога има поддршка од своите навивачи на Градски. Следниот натпревар ќе биде 50-ти, на 7 април, со Скопје, во Струмица.

Во секое лошо има и добро. Во ваква ситуација клубот веќе се навикна, издржува, секогаш се бори за три бода, во присуство на група навивачи. Така беше на последниот меч со Работнички, кога со убедлив резултат од 2-0 падна фаворитот од Скопје.

Сега верувањата се дека до лето ќе завршат работите на теренот и од наредната сезона ќе има прволигашки натпревари на Градски.

В недела со Силекс

Одложено беше колото што требаше да биде вчера. Така, в недела е гостувањето на Силекс (без Гешоски – исклучен и Најдовски – пет жолти картони, а наредната сабота е пресметката со Скопје. Борбата за опстанок продолжува.

Табела: Шкендија 62, Вардар 46, Силекс 36, А. Пандев и Шкупи 29, Работнички 28, Ренова и Победа 25, Пелистер 22, Скопје 20.

Loading