НАШИТЕ ПРАДЕДОВЦИ ЖИВЕЕЛЕ ДО 130 ГОДИНИ!

Долговечноста не била реткост пред векови

– Ова звучи неверојатно ако се земе предвид тешкиот живот

Novata manastirska crkva

Восхитувачки делува  кога слушаме за тоа дека некаде во светот има луѓе кои без проблем ја пречекоруваат стотата година од животот. Јапонците ги бие глас дека се најдолговечни. Некој велосипедист неодамна не го продолжил договорот за да учествува на велосипедски трки од едноставна причина што наполнил 105 години. Си рекол самиот на себеси: Доста е! И кај Хунзите, народ кој верува дека има исти корени со нас, Македонците, дури од Александар Македонски, има неретка појава на живот повеќе од век. Велат дека не само долговечен, ами и живот без болести. И кога се умира, се умира без маки и страдања, како да се заспива во длабок сон.

Ако со Хунзите навистина имаме крвна врска, значи дека и ние, Македонците, ја имаме таа издржливост на долги патеки, издржливост да се истрча ,,маратонот” кој се мери, не во километри, ами во повеќе од 10 децении. Ако во сегашноста можеби под влијание на стресот и живеењето ,,300 на час” не се во мода стогодишниците, во подалечното минато то било сосема нормално. Барем така може да се заклучи ако се земат предвид матичните книги зачувани од 19 или почетокот на 20 век. Се оформувале многудетни семејства и од десетина деца веројатно било природно барем едно – две да дочекаат длабока старост.

010615-0904

Сведоштва се и книгите. Во една таква од 1962 година, чиј автор е Милан Ристески, а зборува за селото Никодин, сликовито се доловува структурата на населението. Еве какви биле Никодинците:

– Луѓето од ова село се со среден раст, но доста цврсти. Тие се гостољубиви, секогаш насмеани; со смеа ги пречекуваат странците и со смеа ги испраќаат. Просечен живот е 90 години. Подолг живот е забележан кај мажите. И денес се посочуваат како пример на долговечност луѓето од претходните генерации: Витан Витанов (живеел 120 години), Ане Попов (110), Стојан Малата (130), Илија Чундески (110), Поп Ристо (130). Но и денес во селото има неколкумина старци кои се ближат до стоте години. Ваквиот долг живот е резултат на  исхраната која изобилува со млеко, месо, мед, овошје и грозје.

010615-1024002

Дали фактор е местоположбата и чистата околина?. Никодин се наоѓа на 690 метри надморска височина, оддалечено од прилепската градска врева 36 километри. Всушност, некаде е на тромеѓето Прилеп – Кавадарци – Велес, на 7 километри од патот Прилеп – Градско. Од исток има отворен хоризонт кон сонцето, а до северозападната страна високо над него се издига како венец високата Никодинска Планина, со голите остри врвови. На неколку стотини метри од него се наоѓа густа дабова и букова шума.

Долговечни наспроти товарот на животот. Бил тежок, претежок. Во прво време, селото се оформувало од повеќе населби во тој планински предел. Жителите на овие населби не можеле распарчени да се одбранат од зулумџиите во Отоманската Империја, така што се преселувале на ново, заедничко место. Додека изградиле нови куќи, живееле под отворено небо. Честите дождови и снегови што паѓале им го правеле животот мачен. Од таму и му го дале името на новото село – Никодин, што значело ,,луѓе што живеат никој – никаде”. Никој – никаде, а сепак отпорни, нескршливи во одот кон долговечноста.

010615-1024003

– Селаните живееле под доста тешка економска положба. Се занимавале со земјоделство и сточарство. Развиено било лозарството, житарството, овоштарството. Главни производни гранки биле сточарството и пчеларството. Почвата на земјата е варовита и глинеста од слаба категорија, погодна за орање со рало. Над 70 отсто од домаќинствата имаат по два – три хектари обработлива земја, а 30 отсто по три до пет хектари. Луѓето се многу работни, но трудот не им дава доход со кој би можеле да опстанат во дадените услови. Затоа од истото село се забележани неколку групи на мајстори – ѕидари, што оделе на печалба во Србија, Бугарија и Романија – пишува Ристески.

Lekovitata manastirska voda

Никодинците имале долг живот и здравје, во голема количина, дури и за извоз. За медот се знае дека е многу корисен за здравјето, особено планинскиот мед. Затоа и Никодин е прочуен по пчеларството. Било доста развиено со оглед на поволните услови. Медот бил мошне баран надалеку. Затоа, заедно со восокот, како производи биле пренесувани со добиток дури до Солун и Драма, Грција. Грците се насладувале и постојано порачувале од тој чудоесен благ лек – медот од Никодин. А Никодинците сметале дека со помалку труд отколку во другите дејности, можат да заработат за живот.

Seloto skreno vo Nikodinskata  Planina

И грозјето имало свој придонес кон долговечноста на Никодинците. Многу одамна надалеку било прочуено никодинското лозарство. Во тие планински предели за нашите луѓе не било проблем да ја обработуваат земјата. Кога се работи со мерак ништо не е тешко. Произведувале и за себе и за другите. Имало за продажба, за печалба.

– Лозјата биле од стара прачка и раѓале прекумерно. Од грозјето се добивало вино и се варела ракија, а од ширата се добивале големи количини маџун. Сето тоа било продавано на трговци, на кои им го носеле кираџиите од Плетвар, Варош и Крушево – пишува во книгата.

Selskata crkva

Никодинците биле посветени на духовнен план. Во тие непристапни предели била изградена црква ,,Свети Атанас”, некаде во 1847 година, до која било и првото, ќелијно училиште. Во најблиската шума се наоѓа и манастирот ,,Пресвета Богородица”. И црквата и манастирот ден – денес постојат и се одржуваат. Многумина раскажуваат за излечени тешко болни, кои се напиле или се измиле од лековитата вода. Оттука на празници таму се собира многу народ, од земјата и од странство. Особено за Тодорова сабота, вториот ден од Духовден и за Мала Богородица.

 Тоа е доказ дека Никодинците отсекогаш биле големи верници. Верувале во Бог, во проповедите за вера, надеж и љубов. Можеби тука се крие тајната за долговечноста.

Останале 7 жители

Vernicite na manastir

Попис во државава имаше во далечната 2002 година, според кој во Никодин тогаш живееле само 7 жители. Некогаш имало неколку илјади, иако животот, како што споменавме бил мачен. Според податокот од 1880 година, во селото имало 300 куќи. А во секоја од нив можеме да претпоставиме дека живееле по пет до десетина луѓе. Во 1962 година имало 580 жители.

Сега велат дека има само три семејства во Никодин.

Stara manastirska crkva

Loading