Цената на водата останува иста

Цената на водата за пиење останува иста, како и досега 26,22 денари. Но, граѓаните ќе добиваат повисоки сметки, бидејќи цената на урбаните отпадни води, која исто така влегува во сметките кои ги доставува ЈКП Водовод и Канализација, од 3 денари по м3 се зголеми на 5.28 денари. Вака одлучија советниците на Општината. Првпат Регулаторната комисија на Македонија имаше предлог за одредување на цената на водата со минимална, средна и максимална цена на водата.
– Средната цена беше 29,69 денари по м3, а максималната беше 33,3 денари по метар кубен. Досега цената на водата беше 26,22 денари за м3. На предлог на Управниот одбор на ЈКП Водовод и канализација, Советот одлучи да се одбере минималната предложена цена на водата за м3, односно цената на водата да не се промени, да остане како и досега. Со тоа отприлика се оствари моето ветување во предизборната кампања дека ќе имаме пониска цена на водата, затоа што водата за пиење не се покачи за 20 отсто како што предложи Регулаторната комисија. Сметките за вода ќе бидат покачени, не бидејќи ќе се покачи цената на водата, туку затоа што ќе се зголеми цената на отпадната вода која досега беше 3 денари по м3, Регулаторната комисија даде предлог тоа да биде средна вредност од 5,85 денари по м3, а највисоката вредност 7,7 денари. Советот одлучи цената на отпадната вода да биде, 5,28 денари по м3. Тоа зголемување кое го предложи Регулаторната комисија од највисоките 7,7 денари и средната вредност од 5,85 денари, Совет донесе уште пониска вредност од средната 5,28 денари м3 отпадна вода – вели градоначалникот Илија Јованоски.
Согласно западните методологии, Регулаторната комисија го определувала вкупниот приход на ЈКП да се обезбеди финансиска ликвидност.
– На инсистирање на градоначалникот, ЈКП Водовод и Канализација во целост ќе се потруди да ги намали трошоците, особено оперативните трошоци и со тоа просечната цена на водата да ја намали за 12,61 отсто. Урбаните отпадни води нивната кубикажа исто така оди по методологија. Кубикажата која што се троши за вода не се пресметува, односно не влегува цената во целосната кубикажа, таа по методологија е околу 70 или 80 отсто. Односно ако едно семејство троши 15 кубици вода, ЈКП Водовод и Канализација фактурира за отпадни урбани води околу 10 кубици. Со зголемување од околу 2 денари тоа е 20 денари на сметка. Нема да се прават загуби, туку ќе работиме подомаќински и поекономично. И за оваа и за наредните години цената на водата ќе биде минималната, која што по законот мора да се почитува – вели Емил Јанески, в.д. директорот на ЈКП Водовод и канализација.
НЕЈАСНИ ИЗВЕШТАИ ЗА ПАЗАРИ
Советниците не го усвоија тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП Пазари за период јули-септември 2017 г., ниту пак годишниот извештај за финансиското работење за лани. Претседателот на Советот, Миле Талевски, смета дека извештаите се нејасни и со несоодветни податоци.
– Донесовме одлука за почеток на проектот Социјална мобилност. Локалната самоуправа ќе им помогне на социјално загрозените семејства, ќе придонесе за подобрување на условите за живот на овие граѓани – вели Талевски.
Едногласни беа советниците за поставување на спомен одбележја на Мирче Ацев, Битката на ножот и Дуче барабанџијата.
ЛИЦЕМЕРИЕ НА СДС НА ДЕЛО
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Јованоски ги излажал прилепчани и тие не добиле поефтина вода за 20 отсокако што ветувал во предизборната кампања.
– Го видовме лицемерието на СДС на дело. За потрошени 20 м3 вода, граѓаните ќе плаќаат околу 1 евро повеќе. Оваа лага на СДС и градоначалникот Илија Јованоски, граѓаните ќе ја добијат дома наредниот месец. Лагата на СДС ќе влезе во домовите на прилепчани, кои очекуваа дека градоначалникот ќе го исполни предизборното ветување, односно 20 отсо пониски сметки за вода. Граѓаните ќе добиваат повисоки сметки за вода. Советникот од Сојузот на Роми, треба да им објасни на своите сограѓани, на Ромите, како за 20 минути ја смени одлуката и од воздржан, гласаше за повисоки сметки за вода, кои Ромите и сите граѓани на Прилеп ќе ги добиваат од идниот месец натаму- истакна Петар Ристески, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
![]()

