Прилепчанец – прв во Европа во резбарење тиква и лубеница

Златен медал во карвинг на Интернационалниот истанбулски гастрономски фестивал освои 35 г. прилепчанец Влатко Алексоски. Тој на меѓународниот натпревар во конкуренција на натпреварувачи од многу држави од целиот свет, без Америка и Англија за помалку од три часа изрезбарил лубеница и тиква и направил креација која ги воодушевила готвачите и жири комисијата.
Копаничер во овошјето во конкуренција со врвни експери. Направил претстава која е апстрактна.

– Махер сум за таканаречената ситна резба. Се гледаат и другите композиции на делото, но бев најбрз со соодветниот алат. За помалку од три часа создадов апстрактна уметност. Судиите и готвачите ја оценуваат композицијата, гледаат да не има грешки, да не залетал ножот – објаснува Алексоски.
Меѓународниот натпревар во Истанбул не е првиот на кој учестувал Алексоски. Пред две години освоил златен медал и на натпревар во Бургас, во Бугарија. За натпреварувањето во Турција дознал од пријател, кој бил дел од асоцијацијата на готвачи. На сопствен трошок, отишол заедно со колешка од Неготино, која застанала на победничкиот пиедестал веднаш зад него. Снежана Велјанова од Неготино го освоила сребрениот медал за нејзината декорација.
Алексоски се радува на успехот, затоа што техниката на карвингот ја совладува веќе 10 години. Карвингот е техника за резбрање на овошје и зеленчук која потекнува од Тајланд. Стара е најмалку 700 години, а во Македонија е атрактивна последните години.

– Тоа повеќе е задоволство. Техниката и натпреварите бараат многу вложување. Дури и лубеницата си ја купив сам во Турција. Тоа е хоби, а не бизнис, повеќе бара вложување, а не вади пари – вели Алексоски.
Инаку е готвач по професија. Поточно изработувач на пирошки и сладолед во слаткарницата Алфа во која вели дека опојниот мирис го заробил како дете уште на 6 годишна возраст покрај неговиот вујко.
Талентот на Влатко го забележале судиите на натпреварот. Љубовта кон уметничко обликување на лубениците и тиквите во зимскиот период му донесе златен медал со кој се врати во Прилеп. Со упорно вежбање ги совладува основните вештини. Предизвик му е и 3 Д карвингот, но тоа бара специјални ножеви и многу вежбање. Мајстор е за кетеринг аранжмани, всушност така се родила и љубовта и потребата да се украси и масата. Голем е бројот на изрезбарени и декорирани тикви, лубеници, дињи, модри патлиџани…

Гастрономијата го обединува светскиот готвачки крем со натпреварувачки дух. Алексоски беше во друштво на судии, готвачи, како и огромниот број натпреварувачи од сите страни на светот. Ја имаше честа да триумфира меѓу великани во светската гастрономијата, меѓу вистински гастрономски гуруа.
Шари во сапун
За уникатна техника на резба на овошје, за креативно дело, освен талентот, потребна била и волја за работа, трпеливост и многу внимание.

– И тиквата и лубеницата се подеднакво добри за работа. Но, најлесно и за мене доста привлечно е резбарењето во сапун. Секако тоа не се користи за декорирање на маса, но затоа може да се направат убави креации и преку изработките да се пратат убави пораки и се разнежни женското срце како што е претстојниот празник 8-ми март – вели Алексоски.
Признанијата кои ги добива за неговата упорна работа само го тераат да пронаоѓа и други материјали за работа.

МАЈМУН ОД ЧОКОЛАДО
Не си прилепчанец ако не се сликаш со мајмун, па дури и од чоколадо. Меѓу различните категории, поделени во неколку сегменти, Алексоски не можел, а да не направи и фотографија како асли прилепчанец со мајмун изработен од чоколадо од натпреварувачка од земјата домаќин.
– Изработката на фигури од овошје и зеленчук носи и нови контакти и учење на нови работи. Натпреварот има и едукативниот дел, бидејќи си опкружен со експерти – вели Алексоски.
Карвинг – техниката е всушност кулинарска дисциплина која е многу развиена во светот, ососбено во Србија и Бугарија.
![]()

