Фудбал: Борба за опстанок
-Во Битола со Шкупи и Академија Пандев, во Тетово со Шкендија
Пролетта секогаш се сметала за потешка во освојувањето бодови отколку есента, а тоа се потврдува и во ова првенство. Практично нема лесен противник, нема гарантирани бодови. За екипата на Победа претстои борба за една цел – опстанокот. Дополнителна тешкотија е играњето надвор од градов, така што ,,предност” мора да се смета теренот под Тумбе Кафе. Во трите врзани меча недела – среда – недела е серијата: дома со Шкупи и Академија Пандев, во Тетово со Шкендија.
Веќе со Шкупи може да се земе пролетниот залет. Гостите имаа две лица, низ победата од 5-2 над Академија Пандев и поразот со 0-3 од Шкендија. И А. Пандев според двете претходни кола може да се смета за потенцијален ,,муштерија”. Струмичаните дома одиграа само 0-0 со последното Скопје. Единствено фаворит против Победа е лидерот Шкендија. Дуелот е во Тетово, но дека сите шанси не се на страната на домаќинот потсетува есенското реми под Шара од 3-3.
Тренерот Славољуб Бубања на претходните два меча (1-1 во Турново со Пелистер, пораз од 3-0 со Вардар во Скопје) очигледно не ги потроши сите адути. Од новите играа: голманот Тофилоски, бранителите Јаќимовиќ, Спиркоски, Велкоски, за врска Лога, Исаевски напаѓачите Ивановиќ, Даноски (стрелец на голот), така што можен е настап на бранителите Колевски, Петкоски или напаѓачот Лукас. Што се однесува до стоперот Хумбатов, тој замина во Црна Гора.
Табела: Шкендија 50, Вардар 42, Силекс 32, А. Пандев и Шкупи 26, Работнички 24, Пелистер, Ренова и Победа 20, Скопје 11.
Предлози до ФФМ
Победа ги почувствува на своја кожа судиските грешки (недосудени: пенал со Пелистер, фаул пред првиот примен гол со Вардар, офсајд за вториот) и затоа до ФФМ се предлагаат новини. Првата е за финансиско обесштетување за екипата што загубила поени поради судиската грешка. Втората е организирање на Судиска академија за обука на судии за прволигашката сцена.