КУКА – КУКЕСТ, ИГЛА – ИГЛЕСТ

ivce1Дневен весник. Високотиражен. Во него, статија, со крупни букви, насловена: „Кукасти крстови го нападнаа Участокот во Прилеп“. Подолу во текстот пишува дека и на споменикот на Крал Марко биле исцртани, исто така, кукасти крстови. Сме забележале и на други објекти такво нешто. На пример, на зградите од населбата ,,Димо Наредникот,,.  Не веруваме дека за ваквата појава постојат некои посериозни причини. Претпоставуваме дека станува збор за невкусна забава на неодговорни лица. Но, да оставиме тоа да го истражуваат компетентни органи.

Друго нешто нé интересира. Придавката КУКАСТИ, односно грешката што е направена со тоа. Интересно! Весникот сигурно има свој лектор. Новинарот, авторот на статијата, прилепчанец. Зошто не можеле да ја увидат оваа грешка. Зошто не размислиле дека придавката треба да гласи КУКЕСТИ, а не КУКАСТИ. Постојат многу придавки изведени од именки. Таков е и случајов. Придавката е изведена од именката КУКА. Во Граматиката на Блаже Конески убаво е објаснето, какви наставки можат да имаат ваквите придавки (стр. 199). Наставката АСТ, не постои. Таа е карактеристична за српскиот јазик. Таа кај нас гласи – ЕСТ. На пример, од именката БРАДА, ќе имаме придавка БРАДЕСТ (не брадаст), од ИГЛА – ИГЛЕСТ, од ВЛАКНО – ВЛАКНЕСТ. Според тоа, од КУКА ќе имаме КУКЕСТ, а не КУКАСТ. Значи, Участокот (сега музеј) и споменикот на Крал Марко биле нападнати со КУКЕСТИ крстови, а не КУКАСТИ. На ТВ слушнавме дека освен участокот, осквернавен бил и споменикот на КРАЛОТ МАРКО. Тоа е голема грешка. Во медиумите стана редовна појава да се испушта членот, а еве во овој случај е употребен токму таму кадешто не треба. Именката КРАЛ (от) никако не смее да се членува во ваквите случаи. Како што е КРАЛ ПЕТАР, ЦАР САМУИЛ, КРАЛ АЛЕКСАНДАР. Така треба да гласи и КРАЛ МАРКО. Таквите титуларни именки кои одат заедно со името, кои се тесно поврзани, никогаш не треба да се членуваат.

Уште еден случај од Прилеп, од локалната самоуправа. Сретнавме факсимил на извесно писмо од администрацијата на локалната самоуправа. Не можевме се да разбереме, а и не не интересира содржината. Забележавме: ,,Општинската администрација го припреми следниот одговор,,. Глаголот ПРИПРЕМИ го нема во нашиот јазик. Грешката ја слушаме често. Таа не треба да се случува од ваква институција. Општинската администрација треба да знае дека во македонскиот јазик, именката гласи ПОДГОТОВКА, а не ПРИПРЕМА. Според тоа, ако веќе е неопходно да се конструира токму таква реченица и токму со тој збор, тогаш ќе треба: ,,Општинската администрација го подготви следниот одговор,,.  Претпоставуваме дека во нашата локална самоуправа постои лектор. Но, ете и нему му се провлекла ваква грешка.

Со тој збор – ПОДГОТВЕН, се прават и други грешки. Слушнавме на ТВ дека Трамп бил подготвен да разговара со Путин. Грешка! Мошне честа! Подготвен може да биде тој што одел на подготовки, што се подготвувал – спортист, студент пред испит. Треба да се рече дека Трамп бил ГОТОВ (решен) да разговара со Путин, а не ПОДГОТВЕН. За ова сме се изјаснувале и порано.

Тие што се фатиле за перото треба одвреме – навреме да погледнуваат во Речникот, во Правописот, во Граматиката. Инаку, ќе прилегаат на фудбалери кои не биле на подготовки, а излегле на терен. Не ќе можат така да бидат успешни.

Loading