На 25 декември 1917 година, пред век, на денот на Св. Спиридон Чудотворец, бил формиран машкиот црковен хор во црквата Св. Благовештение (стара црква). Хорот го формирал рускиот полковник Иван Крижински, кој бил диригент во руски црковен хор со посредство и припомош на јеромонахот од манастирот Св. Богородица – Трескавец.
На почетокот машкиот црковен хор имал само дваесетина хористи, но со текот на времето се зголемувало членството. Трага во машкиот хор оставиле повеќе хористи од угледни прилепски семејства. Се менувале и диригентите, но најдолго време со хорот диригирал Мојсо Зојчески. По него, од 1991 година, го водел, диригентот Диме Иваноски со искуство од 1965 година.
-Во машкиот хор сега пееме црковни песни повеќе од 25 хористи. Точно 19 се пензионери. Само шестмина се помлади. Хорското пеење привлекува помлади, затоа постојано се подмладуваме. До пред година-две најстар пејач беше сега починатиот Димче Гарбески, а сега најстар е Орде Ристески со 84 години – вели диригентот, 70 годишниот пензионер, Диме Иваноски.
Хористите пеат и подготвуваат црковни песни. Секоја недела и празник се горе на балконот ечи милозвучна тон, полнејќи ја со духовна хармонија црквата Св. Благовештение.
-Не е потребно договарање со свештениците. Познат е редоследот на пеењата, што се вели, од А до Ш. Им давам интонација на хористите и заедно со нив пеам и ја следам службата од свештениците – додава Иваноски.
Хорот досега пеел во цркви во Охрид, Струга, Кичево. Секоја година трипати разлева во манастирот Св. Ѓорѓи во Присад .