„Од реколтата за 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции за тутун, 80 денари по килограм за прва класа, за втора класа 70 денари, а за трета и четврта класа, како и за двете дополнителни класи 60 денари по килограм“.
Ова го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
– Субвенциите ќе ги мотивираат тутунопроизводителите не само да го зголемат производството, туку и да се насочат кон квалитетот – изјави Николовски.
Откупот финишира со натпросечна откупна цена од 217,5 денари за килограм, а тутунот е со одличен квалитет и речиси немаше четврта класа. Реколтата 2017 година е една од најдобрите.
Со новиот закон ќе се укинува поднесувањето на евидентни листови.
– Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупувачите да се олесни административната процедура – нагласи Николовски.
Тој изјави дека Владата ќе ја прифати забелешката на Светската здравствена организација да се произведува помалку тутун.
– Со пари од ИПА фондовите се предвидува пренамена на тутунот со одгледување други култури – рече министерот Николовски.
Досега се откупени од 23,5 милиони килограми тутун за кои согласно откупната цена на тутунарите ќе им бидат исплатени над 80 милиони евра, како и 28 милиони евра на име субвенции. Во Македонија живеат од тутун 23.000 семејства и нив ќе им бидат исплатени преку 100 милиони евра.