Зенит-спортист за 2017 е шахистот Роберт Велески
– Тешко излегувам на крај, бидејќи за еден турнир потребни се барем 300 евра

Прилепскиот спорт се потешко доаѓа до големи резултати и оттука се потешко е да се избере најдобриот спортист. Минатите 10 избори дававме награди за фудбал, карате, борење, параглајдерство, ракомет… Овојпат одлучивме да се поддржи шахот, еден од најактивните, фидемајсторот Роберт Велески. Тој е посветен 100 отсто на древната игра и успешно го претставува градов и државата.
Почетоците?
– Од најмала возраст, благодарение на татко ми и чичко ми почнав да играм шах. Прво во маалото, потоа на градско и републичко ниво. Членував во клубот 11 Октомври, подоцна за Стево Балто од Струга и Карпош од Скопје.
Првите успеси?
– На Младинско републичко го освоив третото место. Потоа почнав да учествувам на домашни и странски турнири, најчесто во соседните земји.
Највисокиот пласман?
– Првото место на ОПЕН Сутла, во конкуренција на велемајстор, неколку интермајстори, фидемајстори и мајсторски кандидати. Мошне силен турнир, во кој ме следеше и среќа.
Најсилниот противник што си го совладал?
– Како член на Карпош, на Државното екипно, играв на прва табла. Таму успеав да го победам бугарскиот велемајстор Петар Арнаудов, во атрактивна партија која ја добив со црни фигури.
А најсилниот ривал воопшто?
– Рускиот велемајстор Борис Савченко со кого играв на ОПЕН Карпош минатата година. Реткост е соочување со таков шахист кој слободно може да игра за титулата светски првак. Имаше рејтинг од 2636 поени.

Како со финансиите?
– Тешко излегувам на крај, бидејќи за пат, храна, престој и уплата за учество на еден турнир потребни се барем 300 евра. Имам помош само од некои роднини, пријатели, добри луѓе.
Минатата година?
– Доста активно играв. Учествував на ОПЕН Карпош, Отвореното првенство на Македонија, а во странство во Бугарија, Србија, Грција и Хрватска, каде беше и најголемиот успех во Сутла.
Не си врзан за клуб?
– Има само два добри клуба, Алкалоид. Каде е ,,кремот” на македонскиот шах со засилувања од странство, како и Гамбит каде се подобрите скопски шахисти. Останатите клубови немаат пари и со нив само би ја делел сиромаштијата.
Плановите за 2018?
– Веќе настапив на ОПЕН Пловдив во Бугарија, каде имав добар старт, но со двата пораза во последните кола го загубив високиот пласман. Во март е ОПЕН Карпош, в лето Отвореното првенство на Македонија, а во странство се уште турнирите во соседните земји.
Крајната цел?
– Целта на секој шахист е да напредува до титулата велемајстор. Патот дотаму е долг и трнлив. Прво треба да се обидам да освојам балови за интермајстор.
Какви се подготовките?
– За доволна енергија на мечевите кои траат и по три – четири часа, некои практикуваат тенис, други пинг-понг, а јас долги прошетки. Тука е и шаховската литература, во печатена и дигитална форма.
Колку книги се во прашање?
– Многу. Се смета дека по Библијата, најмногу примероци има испечатено од шаховската литература.
Денешниот шах?
– Има наплив на многу млади и надежни шахисти. Во експанзија е шахот во Кина, Индија и Турција. Вложуваат многу и се потешко и потешко е против нивните шахисти.
Дефанзивна или офанзивна тактика?
– Сум за офанзива. Но за разлика од порано, сега е многу потешко да се нападне без оглед дали си со бели или црни фигури. Денес има многу школувани шахисти од интернет и разна литература.
Кого го сметаш за број 1?
– Тешко прашање, затоа што историјата дала 13 светски шампиони. Исто како да одбираш меѓу ѕвездите која е најсјајната. Секој си има свој вкус. Мене најголем впечаток ми оставиле Александер Аљехин, Хозе Раул Капабланка и Гари Каспаров. Ме импресионира нивниот стил на комбинаторна игра. Комбинацијата е душата на шахот.
Против компјутерот-шахист?
– Играв пред десетина години кога компјутерите беа послаби. Денес се многу посилни. Времето работи за нив. За дел од секундата пресметуваат голем број операции и човечкиот мозок не може да ги следи. Најсовремените комјпутерски програми се многу посилни и од светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен.
![]()

