ЗАЧЕПЕНИ КРВНИ САДОВИ

ivce1Прво ќе почнеме со пофалба. Во телевизиска емисија, гостин докторка интернист. Говори за присуството на холестерол и триглицериди во крвта. Одговара на прашања од гледачите. Во еден момент вели: “Присуството на холестеролот може да предизвика зачепување на крвните садови”. Првпат слушнавме лице од областа на медицината да го употреби зборот ЗАЧЕПУВАЊЕ. Сите, без исклучок, велат – ЗАПУШУВАЊЕ. Таа глаголска именка (запушување) не е наша, како што не е наша и именката ЗАПУШАЧ. Затоа, браво за докторката што го употреби нашиот збор, нашата глаголска именка – ЗАЧЕПУВАЊЕ. А именката кај нас гласи – ЧЕП.

Ретки се примерите за пофалба. Сега да кудиме. Објаснува портпаролот на МВР дека во Скопје се зголемил бројот на крадци на паркираните возила. Дава совети да не ги оставаме возилата отклучени. Целта на крадците, во најголем број случаи, биле пари, накит и останати предмети. Редовна грешка при употребата на зборот ( ридавка) ОСТАНАТИ. Кои се тие предмети кои се некаде останати? Зошто го користиме тој збор, само поради тоа што го употребуваат Србите. Тие велат – ОСТАЛИ. Кај нив тоа си е во ред. Кај нас е поинаку, “Крадците барале пари, накит, и ДРУГИ предмети”, а не ОСТАНАТИ. Друг пример. Имало тешка сообраќајна несреќа. Возачот бил потешко повреден, а ОСТАНАТИТЕ минале со мали повреди. Голема и редовна грешка. ДРУГИТЕ минале со мали повреди, а не ОСТАНАТИТЕ. Никаде тие не се останати. Гледаме на телевизија за загаденоста на воздухот во Скопје. Во малку иронична смисла, презентерката вели: “Скопјани дишат на шкрги”. Две грешки. Се дише СО нешто, а не НА нешто. А зборот ЖАБРИ веќе го заборавивме. Токму тој е нашиот збор. Еве, ќе го приведеме објаснението од Новиот толковен речник: ЖАБРИ – органи за дишење кај рибите и кај некои други видови водни животни. Значи – ЖАБРИ, а не ШКРГИ.

Пак во истата емисија. Грешка од областа на синтаксата: “Како загадувањето влијае на здравјето”? Презентерите треба да знаат, а ако не знаат, тие треба да интервенира лекторот. Зар уште не разбраа дека по прашалниот збор (како) треба да дојде глаголот, а потоа другите зборови – “Како влијае загадувањето на здравјето”, а не “Како загадувањето влијае на здравјето”? Еве слична реченица: “Што најмногу јадат Македонците”, наместо – “Што јадат најмногу Македонците”? Редовни грешки, редовно невнимание, редовна беспомошност на ретките кои се грижат за јазикот.

Затоа велиме дека се ретки примерите кои заслужуваат пофалба. Еве, се случи и тоа! Да даде Господ, да се случува тоа понабрзо. Да има повеќе пофалби за правилната употреба на јазикот, а не критики за грешките.           

Loading