БЛАГОДАРАМ ИЛИ СПОЛАЈТИ?

ivce1Многу контактни емисии по нашиве телевизии. Се поставуваат определени прашања, гледачите (обично истите) се јавуваат и го кажуваат своето мислење. Од некого ќе чуеме нешто убаво, од некого глупости. Водителите, нормално, ги толерираат. Во еден момент се јави извесен “сезнајко”, ни одржа цело предавање, се разбира, надвор од темата. Чепна нешто и во јазичната проблематика. Кажа некои забелешки, но најмногу се чудел зошто овој македонски народ постојано го употребува зборот “благодарам”. Тоа (според него) било бугарско. Нашиот збор, македонскиот збор бил – СПОЛАЈТИ. Така било од најстари времиња.

Ние се чудиме, од каде му паднало на ум дека зборот БЛАГОДАРАМ е бугарски. Точно е, во бугарскиот јазик го има тој глагол (благодарја), кај Русите е БЛАГОДАРЈУ (се чита благадарју). Го има и во српскиот јазик. Тој збор има старословенски корен. Во старословенско-македонскиот речник одбележан е зборот – БЛАГО, со значење – ДОБРО. Благо, значи и добро, и убаво и богатство и пријатно. Кога ќе речеме некому БЛАГОДАРАМ значи дека сакаме да му подариме (да му дариме), да му пожеламе нешто добро, нешто убаво и така натаму. Бугарите немаат никакво ексклузивно право на тој збор. Рековме, зборот има старословенски корен.

Да дојдеме сега и на зборот СПОЛАЈТИ, кој според гледачот бил ептен наш, од памтивек. Но, така мислат и многу други. Па да видиме. Блаже Конески, во својата “Историја на македонскиот јазик” објаснува и за зборот СПОЛАЈТИ. Всушност (во грчкиот јазик) тој не е еден збор, туку е израз од повеќе зборови. Некои зборови (или изрази) од грчкиот јазик сме ги зеле како преведени, а некои такви како што се. Грчкиот израз СПОЛАЕТИ (не можеме да го напишеме на грчки), тој израз за добра желба кај нас е преведен со – “За многу години”. Но тој е и директно позајмен во обликот – СПОЛАЈТИ, кој кај нас придобил друго значење – БЛАГОДАРАМ. Има и други, многу случаи кога е во прашање грчкиот јазик (и не само тој). И во личните имиња, на пример, името ТЕОДОР, што на грчки значи БОЖИДАР, ние сме го зеле како такво, преведено, но и така како што е во грчкиот јазик – ТЕОДОР или малку видоизменето – ТОДОР.

Признаваме дека и ние лично некогаш сме размислувале и според она што сме го слушале од постарите, сме мислеле дека СПОЛАЈТИ е наш збор. Но, ете, не било така. Затоа, СПОЛАЈМУ на односниот телевизиски гледач што не потсети и не натера да го бараме потеклото и значењето на тој збор. А, и него и некои други кои мислат така, да ги охрабриме слободно да го користат зборот – БЛАГОДАРАМ кој е сосема наш. Точно е дека во сите речници внесен е зборот СПОЛАЈТИ, но само како архаизам. И навистина, ќе го чуеме понекогаш од некого, сепак тоа е архаичен збор, а потеклото му е грчко. БЛАГОДАРАМ си е нашиот збор. На таа основа ќе сретнеме многу други – БЛАГОСЛОВ, БЛАГОДЕТ, БЛАГОВРЕМЕН, БЛАГОВЕЦ (Благовештение), БЛАГОВЕРЕН, БЛАГОГЛАГОЛИВ, БЛАГОДУШЕН, и многу многу други.

Loading