Михаил Царулески, киноапаратер
– Повозрасните сакаа индиски, драми и историски филмови
– Видеото го избрка големото платно
„Интересно, забавачињата од сите училишта, фатени за рачиња, ја полнеа кино салата. И учениците од повисоките класови. Наставниците нарачуваа за нив цртани. Децата беа најпримерната публика. Знаеја како да се однесуваат во кино сала. Не смееше да се грицкаат семки и сончоглед. Еднаш да им рече – тишина – и настапуваше молк“.
Вака се сеќава на бериќетните години за киното Михаил Царулески, кој 40 години бил киноапаратер. Осумдесетидвете години му се исполнети со убави спомени од не многу тешката работа, зачинета со љубов и задоволство. А сето тоа било наградено.
– Во двете кина дневно имаше по три – четири редовни проекции за до три илјади посетители. За вонредните претстави за учениците во двете сали заедно доаѓаа и по седум – девет илјади ученици и граѓани во денот. По 1988 година немавме ни 30-40 луѓе за претстава. Се одложуваа претставите. Од ден на ден се помалку публика – се сеќава Царулески.
Прво киното било заедно со театарот, а подоцна се разделиле и се преселило во просториите на киното Работнички. Во летното кино во театарот имало околу 700 седишта поставени во дворот и околу 370 внатре. Киното Работнички имало околу 400 седишта, големата сала, кинотот 11 Октомври над 700 седишта.
– Лесно и убава работа. За ништо не би ја менувал. Бев многу задоволен и среќен. Со кеф прожектирав филмови од седум часот на утро за децата и и дури по девет претстави во денот – вели Царулески.
Кино разонода
Прилепчани биле љубители на подвижните слики на големото платно. Немало друга разонода. Забава биле киното, фудбалот и игранките во Соколаната. Откраднувале моменти и уживале, тагувале, се радувале со актерите од познатите филмови. Картите чинеле колку еден леб. Со посетеноста која ја имало киното било второ во Македонија по Скопје. Публиката била задоволна од изборот на филмовите. Некои филмови се прикажуваа по две недели. Имало и метеж за билети. Доаѓало и до тепачка за влезница. Не ретко и препродавачи кои за билет барале двојно или повеќе. Киното било единствена забава за младите, кои после филмот оделе на корзо или од кино заминувале дома. Оние кои сакале да гледаат од најдобра позиција, барале билети на средината. Најатрактивна била ложата и балконот во Работнички. Ако се седи на првиот ред имало шеги дека се поздравуваат со актерите. Други пак плачеле или пцуеле на содржината. Во занесот паѓале и аплаузи кога во содржината ќе победи правдата или кога главниот јунак ќе ја извојува победата. При техничките проблеми, прекоруван бил мајсторот за прожектирање. Му довикувале најразлични погрдни зборови. Најчесто го викале “шнајдер”, оти сметале дека го скусува филмот. Пред почетокот на филмот, во шеесеттите години се емитувале филмски новости со политичка конотација од актуелните државни настани, најчесто со Тито. И тоа во црнобела техника. Киното било и место за првите симпатии, за првите прегратки, насмевки потскубнувања на девојките од претходниот ред. Во мракот се раѓала љубов заедно со прегратката од екранот. Паѓале и бакнежи. Колку ли страст носела темнината во киното?
Најгледани вестерн и еротските филмови
Првите најгледани филмови биле каубојските – вестернот, криминалните, историските, авантуристичките, индиските, па потоа излегле југословенските, партизанските. После дојдоа индиски, драми, историски. Потоа филмовите со Лепа Брена, “Каков дедо таков внук”, па еротски од рангот на данските “Мазурки… или Емаенуела… Имало биоскопџии кои по неколкупати гледале ист филм. Еден прилепчанец немаше што не гледал филм, без разлика дали е драма, акција. Буквално сé што се прикажуваше во киното. И тоа на исто место, на ист стол.
На почеток “алат” на Царулески била германска машина, потоа набавиле две од Искра со кои го поминал работниот век.
– Најпосетени беа југословенските борбени како “Битката на Неретва”, “Офанзивите”, “Мис Стоун”, “Солунските атентатори”, “Македонска крвава свадба”, “Бегалка”, па се до новите продукции со акциони филмови и комедии – објаснува Царулески.
Со отворањето на видеотеките се “погреба” киното. Се случувало граѓаните да го изгледале филмот дома, уште не прикажан в кино.
– Посетеноста многу намали. Побаравме чаре со соединување со Енергоинвест. Но, не одеше. Киното се пренамени во магацин, се извадоа апаратурите, се извадоа седиштата – кажува пензионираниот киноапаратер.
Апаратерите не смееа ништо да коригираат на филмовите кои се цензурираат.
– Има и до 4 000 метра филм, кој, како го добивавме, така го враќавме. Ако се скини или ако го изеди машината, должен си да го пресечиш, а тоа е една слика, три ипол сантиметри ја сечиш, ја залепуваш. Не е дозволено да уништуваш некои сцени и ако го прилагодуваш за деца не смее без дозвола – објаснува Михаил.
Филмови добивале од цела Југославија откупени од странски фирми, преведени со писмо првин на српски, а после и на македонски јазик.
Вратено киното
– На Прилеп му треба кино. Се радувам што се врати во Центарот за култура, иако нема толку претстави и исчезнаа љубителите на филмот. Уште сакам да одам на кино, најмалку еднаш неделно. Таму се ужива во големото платно и во задоволството што го дава големиот екран. Би гледал филм, макар што и петпати бил прожектиран и гледан. Во големата сала во мрачната атмосфера, човек се внесува во филмот и ужива. Опушта тишината во темна просторија. Владее занес под флуидот на актерската глуми и се доживува комплетно предавање на содржината во спокојството на големината на платно. А потоа раат се разработува, се размислува и се разговара. Сегашниве филмови заморуваат, оти се полни со насилство и злосторства. Не даваат задоволство – заклучува Михаил Царулески.