„ГИС, базирана платформа за напредно менаџирање и анализа на податоците во централниот регистар на културното наследство на Македонија, е еден од десетте проекти кои ќе се реализираат годинава во Македонија со средства од ЕУ, која пак е прогласена за година на заштита на културното наследство“
Ова го вели М-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура Според него, ГИС (географски информациски систем) е практичен инструмент со неограничени можности за адаптирање според потребите.
– ГИС е систем за поврзување на алфанумерички и мултимедијални податоци во многу погодна форма за презентирање. Овозможува големо количество информации од различен вид, да бидат лесно достапни, лесни за надградување, изменување и презентација и исклучително компатибилна со различен софтвер. Преку серија од предвидени активности и користење на иновативни напредни практики за дигитална имплементација на податоци во интерактивна и контекстуализирана средина, ќе се произведе повеќенаменски и иновативен производ лоциран во виртуелниот простор. Иновативен од аспект на визуелните, естетските и креативните искуства од користењето на платформата – вели Талевски.
Во последниве години континуиран е растечкиот тренд во користењето на дигиталните и квантитативните методи за проучување на еволуцијата на античките градови и нивната околина.
– Системот станува сé подостапен до големи количества податоци за археолошкото културно наследство поради напредокот на информатичките технологии во комбинација со интердисциплинарниот приод во третирањето на археолошките наоди. Создадените бази на податоци се извонредни во разновидноста. Просторните податоци стекнати со напредни геофизички и методи на снимање од височина даваат слика за археолошките локалитети не само на регионално ниво, туку и во целата комплексност во пошироки географски рамки. Културното наследство нуди огромно поле за иновации со широка и одржлива перспектива за развојот – вели истражувачот Талевски.
Пилот проектот во иднина треба да се развива и усовршува, да овозможи соодветен современ третман на разновидното и богато културно наследство на Македонија. Конципиран е да поседува потенцијали за надоградување за други археолошки локалитети, создавање на база на податоци со конкретни информации за секој локалитет и за секој досега откриен објект на локалитетите.