ЕМ СМЕШНО, ЕМ ЖАЛНО!

ivce1Досега не сме се обиделе да пишуваме хумореска. Нека го прават тоа оние кои се подуховити. Написов може и да прилега на хумореска, доколку јазични несмасности не се повеќе трагични отколку комични.

Станувало збор за извесен криминалец. Не разбравме точно за што се работи. Презентерката објаснува дека полицијата го барала, но не успеала да го пронајде во нашава земја. И презентерката вели: “Тој избегал во бегство”. Ете така, криминалецот – ИЗБЕГАЛ ВО БЕГСТВО. За овој израз не е потребен коментар, нели?

Втор пример. Сретнавме, случајно, извесно списание кое носи наслов – “Доживејте 100”. Нема напишано кој е уредник, лектор и евентуално, други соработници. Станува збор за определени совети за здравјето и рекламирање на некои производи кои би помогнале за спречување на некои болести во зимскиов период. Еве реклама на некакви бонбони кои се викале – ГУМЕДИЦИ. Под сликата на производот стои текст: “Децата ги обожуваат родителите и ги подржуваат”. Јасно е дека текстот е преведен од српски јазик. Тие мислат дека е преведен како што треба. Веднаш да кажеме дека не треба ОБОЖУВААТ, туку ОБОЖАВААТ. Еве ја другата грешка, која предизвикува смеа. Вели дека децата ги ПОДРЖУВААТ родителите. Ако мора да се употреби тој глагол, треба да гласи ПОДДРЖУВААТ, напишано со две “Д”, а се чита како едно продолжено. Бидејќи да ПОДРЖИШ, значи да држиш нешто извесно време, а да ПОДДРЖИШ значи да даваш поддршка за нешто. Ова го објаснуваме колку за да ги наведеме разликите на значењата при глаголите ПОДРЖУВА и ПОДДРЖУВА. Родителот може да го ПОДРЖИ детето, мало е тоа, но детето не може да го ПОДРЖИ родителот, зар не? Ова се правописните грешки, погрешно се напишани зборовите (глаголи) ПОДРЖУВААТ и ПОДДРЖУВААТ. Другата голема грешка, која ја менува смислата е во друго нешто. Текстов е, рековме, преведен од српски. Србите би рекле “Деца ПОДРАЖАВАЈУ родителје”. Што значи дека децата ги обожаваат родителите и ги ИМИТИРААТ. ПОДРАЖАВАЊЕ значи ИМИТИРАЊЕ. Децата сакаат да бидат како родителите и ги имитираат. Но, преведувачот напишал (мислел) дека треба – ПОДРЖУВААТ. Па сега, можеме да речеме дека ова е и смешно и глупаво и трагично.

Уште еден случај. Политичарите треба да бидат “со народот”, нели? Еден таков политичар бере бадникови гранчиња, таков бил адетот за Бадник. Можеби тој пред тоа никогаш не берел, не отсекувал, од тие дабови гранчиња, но сега треба да се биде меѓу народот христијански. Тој дава и изјава: “Ги започнавме почетните почетоци за прославата на Божиќ”. Одличен исказ, нели?!

Се зборуваше таму и за новиот и стариот кум, за здравичарот исто така. Кога еднаш ќе сфатиме дека КУМ е човекот кој венчава и крштева, а овој за кого велиме (велат) дека е кум е всушност ДОМАЌИН. Тој никого ни крштева ни венчава. Тој е главна личност која се грижи околу организацијата, околу манифестацијата, околу прославата.

Loading