ЗОШТО ПАРИЧКА СЕ ВРТИ НА ВАСИЛИЦА?

ImageЗа разлика од другите градови, во Прилеп единствено се врти паричка за празникот Василица. Тоа е традиција, а не правило. Симболиката е во парата како земно богатство, а лебот како нужност за живот и го симболизира телото Христово. Оној кој ќе ја најде паричката, го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година. Се слави овој ден со молитва за благодарност за минатата година и молитва за Бог да даде здравје, бериќет и да не сочува од злото во наредната  година.

Според житието на свети Василиј Велики, црквата го оправдува и  дава христијанско значење. Во времето кога Божјиот угодник Свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите во Кесарија да го донесат сиот накит и златници. Свети Василиј го пречекал епархот и му го понуди богатството. Епархот се изненадил и се засрамил. Одбил да го земе и да го ограби градот. Никогаш повеќе не се вратил, ниту им здодевал на верниците. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер. Не знаејќи што на кого му припаѓа, просветлен од Господ, ги замолил фурнаџиите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секое ставил нешто од накитот и златниците. На Новата Година, кога сите луѓе дошле в црква, тој на секого им поделил по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму тоа што претходно го дал.

За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка.

Лепчето се разделува така што првото парче е за спомен на Господ, наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за Свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделувало на останатите присутни. Оној кој ќе ја најде паричката, го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година.

Црквата смета дека е погрешно да се поврзува празникот на Свети Василиј со комар, карневал, прејадување, правење на пијанки и гозби, оти не може да се поврзи со Христијанството. 

Почетокот на новата црковна година е некаде на први септември, а ова е граѓанска нова година по јулијанскиот календар. Таа се поклопува со Василица и обрезанието Господово. Тоа е разликата на тие 13 дена меѓу Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар.

Кривогаштанска Нова Година

Свадбената чеза со зет и невеста вообичаено дефилира низ Кривогаштани во знак на одржување на духот на традицијата за празникот Василица. Адетот се пренесува и се негува со векови. Зетот и невестата како и сите присутни гости на свадбата се маскираат и се забавуваат со василичарски шеги.

Голем број млади учествуваат во подготовката и со радост ја проследуваат свадбената поворка.

За празникот, среде Кривогаштани се пали василичарски оган.

Loading