ТУТУН СЕ БАРА АРАНТАРАН

Заев во Тутунскиот комбинат

– Просечната цена минува 210 денари

CIMG2586

Премиерот Зоран Заев  во Тутунскиот комбинат рече дека просечната откупна цена досега е 209,5 денари за килограм тутун. Оваа цена плус субвенциите даваат просек од 269 денари или околу 4,4 евра за килограм тутун.

– Оваа е убава година за тутунопроизводителите, затоа што има добар квалитет на родот. Со сегашната просечна цена тутунарите остваруваат достоинствени приходи. Тенденцијата е земјоделците секогаш да имаат уште подобри цени. Но, споредувајќи ги со минатото задоволителен е трендот на покачувањето на цените. Од 10 декари се произведуваат 1.600 килограми или околу 7.000 евра приход за земјоделците. Имајќи предвид дека просекот е 7- 8 декари по семејство, доаѓа околу 5.000 евра за семејство, кое професионално се занимава со тутунопроизводство. Заедно со Владата продолжуваме со трендот на продуцирање на зголемување на побарувачката за тутунот. Мора да отвориме нови перспективи за Тутунскиот Комбинат, кој ќе има иднина. Со тоа ќе се отвораат постапките за трајна трансформација, да се зголемат и количествата на откуп, но и количествата на финални производи. Мило ми е тоа што влегуваат и нови откупни компании во Македонија. Фирмата “Мисиријан’” од Грција е веќе нов откупувач на тутун. Ќе почне со работа од март. Тие веќе отворија фирма во Струмица, но ќе откупуваат и овде. Тоа значи зголемен број откупувачи, зголемена побарувачка, која што ќе ја подигнува цената на тутунот и на крајот, поголемиот дел заработувачка да останува кај тутунопроизводителите – рече Заев.

CIMG2582

Премиерот потенцираше дека откупот се одвива организирано и контролирано, нема незадоволни тутунари, а резултат на тоа е зголемената побарувачка и добриот квалитет.

Во Македонија од оваа гранка егзистираат околу 30.000 семејства или над 100.000 граѓани.

Заев најави зголемување на субвенциите.

– Од идната година почнуваме со измените и дополнувањата на Законот за тутун. Тоа значи воведување на раст на субвенциите. Со промените на Законот кои ќе се донесат годинава, а ќе важат од идната година, првата класа ќе биде субвенционирана со 80 денари, втората класа со 70 денари, а другите класи со по 60 денари. Ова го најавувам за сите тутунопроизводители како дополнителна мотивација, не само да произведуваат тутун, туку и да произведуваат квалитетен тутун, знаејќи дека ќе земат и поголеми субвенции. Остануваме максимално фокусирани на ова, затоа што нашиот народ живее од тутунот. Ќе го поддржиме да го стимулираме земјоделството, надевајќи се дека и младите генерации ќе бидат мотивирани да продолжат со производство и на храна и на сите останати земјоделски производи, како што е тутунот – потенцираше премиерот Заев.

Тој најави јавни дебати со стручната фела да се дојде до намалување на ценовната разлика меѓу класите, од што не се задоволни земјоделците. Сега првата класа е 280 денари, третата е 145, а втората 190 денари.

– Најважно е како да продуцираме зголемена побарувачка од откупувачите. Тоа значи не самите откупни фирми да имаат дополнителна побарувачка, туку и да донесеме нови фирми, како што и доаѓаат, да се натпреваруваат, кој да го добие тутунот. Ако при ваков натпревар имаме исчекор, каков што сите очекуваме, тоа е ефект за подигнување на цената на тутунот. Не можеме да се пожалиме од оваа цена. Но, секогаш може и повеќе. Тоа е вечна борба. Се надеваме дека ќе ги следиме пазарните механизни, државата е секогаш тука да асистира и да помага, секогаш кога ќе се случат турбулентни периоди. Мило ми е што квалитетни пари ќе останат кај земјоделците за  проширена репродукција – изјави Заев.

На новинарско прашање кои мерки ќе ги преземе Владата за зголемување на системите за наводнување, затоа што Прилеп е еден од регионите, кои се соочуваат со овој проблем, Заев рече дека годишно Владата ќе издвојува по 10 милиони евра за оваа намена.

– Дел од политиката во земјоделството е обезбедување системи за наводнување и водоснабдување. Годишно, Владата издвојува 10 милиони евра. Тие се предвидени во новиот буџет и програмите. Ако се произведуваат околу 160 килограми тутун во просек од декар, со системи за наводнување може да стигне над 200 килограми од декар. Се работи за зголемување поголемо од 30 отсто, само ако има вакви системи и затоа ќе инвестираме во тоа – рече Заев.

Се менува законот за административни службеници

На новинарско прашање околу промената на законот за јавни претпријатија, околу изборот на нивни директори, премиерот Заев рече дека законот за административни службеници е веќе во Собранието и верува дека до крајот на годината тој ќе се отвори и ќе има промена на дел од критериумите.

– Повеќе години минати како градоначалник, ја знам одговорноста на функцијата градоначалник и одговорноста на советниците во општините. Градоначалниците од СДСМ известуваат и, како лидер на партијата, ги следам информациите. Сметам дека се сака да се преземе управувањето и одговорноста, затоа што е пренесено од граѓаните. Сакаат да покажат резултат. Поставувањето на в.д. директори е законско право и очекувам веднаш да се реализираат постапките по пат на јавни конкурси и на транспарентен начин да се кандидираат кандидати, согласно законските условите за да можат и тие да преземат одговорност. Законот за административни службеници е веќе во Собранието и верувам дека до крајот на годината тој ќе се отвори. Овде за дел од критериумите се прават промени, особено на оние сертификати, кои секој треба да ги обезбеди, а не се неопходни. Ако се работи за позиција застапник на Македонија пред судот за човекови права, тогаш, да, 100 отсто треба да знае англиски јазик и да го има сертификатот за англиски јазик. Убеден сум дека тоа не треба да постои за сите институции. Таму каде што е потребно, е потребно. За деталите ќе ги прашате надлежните министерства. Законот се носи во транспарентна постапка со вклучување на сите синдикати, коморите. Сé што правиме е да го унапредиме квалитетот на законодавството, кое ќе даде функционалност на сите институции во Македонија, без разлика дали се државни или локални. Најавувам промена на законот за комунални претпријатија, комунални дејности, законот за локална самоуправа, законот за отпад за решавање на депониите во Македонија. Тие ќе преминат под надлежност на Министерството за екологија конечно да се решат сите депонии – изјави Заев.

Loading