Роди ме мајко, пратеник да бидам
Одамна се знае дека работата како народен пратеник била мошне атрактивна, главно поради привилегиите, политичката моќ, влијанија, бизнис интереси и високи заработувачки со многу додатоци. Примерот од изборите од 1994 година сведочи дека уште кога плурализмот бил во зародиш имало турканица за освојување на симпатиите на граѓаните. Над 150 кандидати, дел независни, а дел со политичка заднина на дваесетина политички партии, трчале за седум пратенички места во парламентот. За едно пратеничко место имало најмалку 20 кандидати. Од изборните листи се гледа дека дури и актуелни министри меркале пратенички места. Око на пратеничките седишта фрлиле и бизнисмени, наследници на социјалистичкиот сојуз, на синдикатот, младината, па и на Комунистичката партија. Секој со свој есап и пена на устата за оваа или онаа идеологија, за десно или лево крило, за центар или радикал, ја пробал среќата да ги провери сопствениот авторитет кај граѓаните. Но, бројките се безмилосни. Така се случи еден кандидат за пратеник да освои само 3 гласа колку што има неговото семејство, други не го гласале ниту во фирмите каде директорувал, трет стасал на вратата на вториот круг, но поради повлекување од изборниот мегдан не седнал во пратеничките фотелји.
Сé на сé, политиката не е само авантура, туку голема шанса за исполнување на соништата, амбициите и можност за финансиско нафатирување за најмалку една идна генерација. Се зависи од умешноста и природната кројка за чесност и етичност. За жал, вториве треба да се заштитат со Закон како ретки “животни”.