Се цензурира ли медиумскиот простор во Прилеп
– Одделот за односи со јавност на Општина Прилеп побара достава на листа на акредитирани новинари, сниматели и фотографи
Прилепските, и новинарите од регионов, треба да имаат „виза“ за да влезат во општинската зграда. За да го пречекорат прагот и да појдат во јавната зграда која е подигната со парите од граѓаните, треба да имаа “аусфајс” кој треба да го добијат од таканаречениот Оддел за односи со јавност чиј број на членови енормно почна да се зголемува со промената на власта. Кој тоа и за што сака да ги селектира новинарите е прашањето кое крена голема прашина во новинарските редови? Знае ли првиот човек на градот, дека вратите од општината треба да бидат отворени за секој граѓанин, уште повеќе за луѓето кои се гласот на народот и чија работа е токму информирањето. Зошто некој сака да отвора “војна” со припадниците на “седмата сила”, кој е тој што насила сака да “продуцира” опоненти во медиумската фела кога историјата покажала дека и најголемите освојувачи на светот, во заземањето на новиот простор со себе ги носеле и печатниците? Чуму му е некому контрирањето или се работи за личен каприц и фрустрација?
Марија Ташкоска, од Локалната самоуправа, на 15 декември, во 15 часот, до новинарите од Прилеп и регионов, на 34 адреси, испрати маил со следното барање:
“Ве замолуваме во најкус рок до Одделот за односи со јавност на Општина Прилеп, да доставите листа на акредитирани новинари, сниматели и фотографи (најмногу по две екипи од медиум) коишто ќе ја следат работата на Општина Прилеп. Листите да бидат потпишани од уредниците во медиумите. Акредитации ќе им бидат дадени на екипите од професионални медиуми, коишто се регистрирани за вршење на дејноста согласно со законските регулативи. Дополнително ќе бидете известени, кога може да ги подигнете акредитациите”.
На овој мејл, експерсно реагираше регионалниот координатор Здружението на новинари за Битола и Прилеп, Жанета Здравковска.
“Колеги, за барањето што општина Прилеп го достави околу акредитациите го известив Здружението на новинари и очекувам повратен одговор за кој ќе ве известам. Според мене, не може општина да прави проценка кои се професионални медиуми и да проверува дали се регистрирани за вршење на новинарска дејност. Тоа не е работа на една општина!”
Со реакција се јави и локалната телевизија Канал Визија.
Неделникот Зенит, истиот ден во 17 часот испрати барање за слободен пристап до информации од јавен карактер со кое бара општината да одговори на неколку прашања. Меѓу кое: од кога е формирано одделението за односи со јавност, колку лица, со каков профил, образование и работно искуство или од Бирото за вработување доаѓаат во Локалната самоуправа и колкави се нивните примања.
И после 7 дена, до затворањето на весникот, Зенит не доби одговор на барањето. Како редакција понатаму ќе постапиме по сите законски чекори. Овде се поставува прашањето зошто одделението за односи со јавноста на локалната самоуправа не испратило барање за акредитација на месечникот специјализиран за туризам и бизнис, Патоказ.
Моника Талеска: (пост на Фб од 16 декември)
НЕ СЕ ПРЕДАВАМ!
“Не би сакала за оваа тема да пишувам на Фејсбук, но бидејќи нема реакција до Одделот за односи со јавност, а читам само спинови на партиски портали и медиуми, кои што не презентираат вистини и се далеку од објективно информирање на јавноста повеќе од деценија,немам избор. По барањето доставено (вчера) до медиумите за доставување листа со акредитирани новинари, сниматели и фотографи што ќе ја следат работата на Општина Прилеп, се огласија партиските портали и локалниот медиум – телевизија, близок до ВМРО-ДПМНЕ; којшто од доаѓање на новата власт ги извртува вистините за работата на локалната власт. А, во своите прилози ги сече изјавите на новиот градоначалник Илија Јованоски, едноставно како тој, да не постои. (но, тоа е само пуста желба). И тоа го разбирам, тешко е да станеш објективен новинар и куќа, кога 12 години работиш под директива, груевизмот уште не излегол од овие медиумски лавиринти.
ВМРО-ДПМНЕ пак наместо да се бори да си го врати рејтингот, формираните портали на друго име, ги презентира пред јавноста како медиуми, собира пари од фирми, портпаролите на партијата ги претставува како новинари и сниматели, тие лажно се претставуваат во Општина Прилеп и згора продуцираат пак нови спинови. Вака, драги колеги, се што не ви е јасно, повелете на брифинг ќе го расчитиме. Побарајте средба, јавете се, прашајте ако имате дилеми, нејасностии. Оние што се долго во оваа дејност знаат дека акредитации се бараат и за настан, а не за работа на институција, според тоа, оставете ги спиновите. Одделот за односи со јавност ве охрабрува да работите професионално, да отворате теми, да истражувате. Има премногу, од дубиозите на ексвласта,парите оддвојувани за медиуми изминативе 12 години, па до овој момент сега. Општина Прилеп работи транспарентно со новата локална власт. Не грижете се, акредитации ќе имате од вашите медиуми, ние инсистираме да ги имате, за да имаме уште попрофесионална соработа. Никој нема да ви врши притисок. Ќе добиете одговор на секое прашање, зашто и ние и вие сме сервис за јавноста. Вие треба да бидете коректор на работата на власта, но не да продуцирате спинови. Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ ги потсетувам, наместо да се претставуваат како новинари од медиуми (непостоечки), имате право на вистина, за се, според Законот за пристап до информации од јавен карактер. Доставете барање. Ќе го добиете одговорот. Значи нема проблем, никаков. Најдоброто е што ваквите дезинформации на локална телевизија која што со огромни суми беше финансирана од претходната власт и партискиот портал се читани и коментирани на Фејсбук, само од граѓани, коишто немаат претстава за работата на медиумите и од такви кои сакаат да бидат „ин” (или не им се оствариле соништата). (сепак сме отишле скалило погоре и во фејсбук практицирањето)
Новинарството е професија, на која мора да и го вратиме сјајот и стандардите и принципите за работа. Одделот за односи со јавност ве чека колеги новинари со ваши акредитации, теми и идеи, со цел што поквалитетно да ја информираме и ние како Општина и вие, јавноста. Но, адресирајте ги вашите барања и потреби. Не да сурфаме по Фејсбук за да видиме што и кој денеска одлучил да спинува. Обратете се како професионалци. Повелете. Помина времето на Марјан Ристески и Никола Груевски. Битката за професионално информирање покрај вакво опкружување, во град каде царуваа само партиски медиуми, ќе биде тешка. Но, јас (барем за мене тврдам) не се предавам. На секоја конструкција и лага, ќе добиете точен и објективен одговор, секогаш, во секое време!
Да живее професионалното новинарство според професионални начела!
Долу спинот и конструкциите!