Здружението Менелај во просториите на Археолошки музеј на Македонија во Скопје ќе го промовира првиот број на Археолошки информатор, академско списание од областа на археологијата и културното наследство.
Станува збор за електронска и печатена публикација, која ќе се издава еднаш годишно двојазично, на македонски и на англиски јазик. Информаторот објавува академски трудови на научните и стручните работници кои го истражуваат и презервираат културното наследство во Македонија. Во уредничкиот одбор се професионалци од областите на археологијата и историјата на уметност, а на негово чело е проф. д-р Елица Манева.
Во првиот број објавени се 23 авторски трудови, меѓу кои и на неколкумина прилепски автори. Електронската верзија е веќе достапна на веб-страницата.
Здружението Менелај е активно од 2015 година, а негови главни цели се истражување, промоција и заштита на културното наследство на Македонија.