ОУ „Гоце Делчев“
Во конкуренција од 50 ученици од основно образование на државниот натпревар младите франкофони од ОУ „Гоце Делчев“ понесоа успеси. Елена Митревска освои второ место, а Георгина Илиеска и Елена Пиловска влегоа во најтесниот круг на натпреварувачи. Ги мереа силите учениците од седмо одделение од основните училишта и од втора година од средното образование. Натпреварот се одржа на Филолошкиот факултет во Скопје во организација на Здружението на професори по француски јазик, а во соработка со Националната комисија за франкофонија.
– Љубовта кон францускиот јазик и посветената работа се предуслов за високи резултати. Се надевам дека ќе продолжат со успесите и во иднина – вели менторот Ирена Наумоска.
Континуираниот успех е заштитен знак на младите франкофони. Претходно првото место на општинскиот натпревар по правопис/ спелување на француски јазик и припадна на Елена Пиловска, второто место на регионалниот натпревар на Георгина Илиеска.