ВО КАРПА ЗАВЕТ КАКО „ВИУЛИЦА“

Манастир Свето Преображение, Зрзе

– Манастирскиот комплекс збрал 30-тина објекти

– Пештерска црква од 12 век

– Изработка на икони од 24 каратно злато

S5008456

„Ако сакаш да ја видиш долината, качи се на врвот на планината. Ако сакаш да го видиш врвот на планината, качи се на облакот. Но, ако сакаш да го видиш облакот, затвори ги очите и размислувај“. Едно такво место каде мудроста бујати, се извишило на 34 километри северозападно од Прилеп, во атарот на селото Зрзе. Ќе ви се исплеткаат нозете, ќе крцнат зглобовите, ќе се уморите искачувајќи ги илјадата метри надморска височина на планината Даутица. И пред вас величенствени облици на бигорна карпа, прикачена на мермерните карпи и гнајсеви. Во неа ја вгнездиле својата приказна позлатените бои на вековите.

S5008379

Се закотвил на карпест “остров” манастирот Свето Преображение.  Солзите натежнуваат на клепките, како зрно грозје, од веселиот звук на древните ѕвона, а душата жедно го впива расцутено манастирско руво. Камените градби проѕирни се како стакло. Карпата зрачи со духовност. Во неа во втората половина на деветиот век, монасите давале завет како “виулица”. Се молеле, самувале, тихувале, солзеле, се радувале, избраздувајќи ја карпата и прилагодувајќи ја за свој дом.

3

Чудотворна икона ја штити Пелагонија

Во бигорниот манастир во Зрзе, се издвојуваат седум ката со повеќе од 30 градителски облици: цркви, тихувалишта, ќелии поставени во низа, работилници за обработување на коски, ќерамички производи, лабараторија за бои, јами. Тука се плетеле бројаници, се изработувале кошници од прачки, се плетеле јажиња за качување по ќелиите, се преведувало, се препишувало. Срцето на бигорната монашка населба е Пештерната црква од 12 век, фрескописана во 14 век од Добрислав и Драгослав. Во божјиот храм во катче е сместена  чудотворната икона на Богородица Пелагонитиса од 1422 година. За неа се раскажува дека таа го менувала местото не сакајќи да му врти грб на синот Исус. Била закрилничка на Пелагонија.

Во ова “орловско” гнездо каде слободно ги шират крилјата и јастребите, умешност е да изделиш диво од питомо. Мислите леани во тага, ветре ги разносува насекаде и ги распрашува низ миризливите билки,  чиј микс дејствува како мелем и ја прави душата полетна.

304337-zrze-stana-kulturen-i-arheoloshki-biser-na-makedonija

S5008370Овчарска црква во машкиот манастир  

Во манастирот Свето Преображение се негувала копаничарската вештина, со плитка резба, со орнаменти од ореово дрво. Од 18 век црквата од северната страна е обновена и е позната како Овчарска црква. Наречена е по манастирското овчарче, кое им се спротивставувало на злосторниците кои сакале да го уништат манастирот, кој често  бил ограбуван  и разурнуван. Од 1998 година манастирот е машки.

Низ свежиот манастирски извор Бојаник, се наслушува пулсот на целата природа. Во манастирскиот двор крошнестиот орев ја слекол летната руба. Околината е начичкана до дабово дрво. Шумолат лисјето под нозете грмовито во планинскиот декор, со духовна воздишка. Крцка природно совршенство. Се е под “конец” и контрола на монасите.

images

Одоздола маѓепсана долина, а горе хармонична небесна позлата, кристална проѕирност зиме, небо извезено со ѕвезди во лето кои во темнината паѓаат како искинати воздишки. Сето смирува и клокоти од живот. Тука може да проникнете длабоко во себе и нежно да допрете до емотивната жица.

Во манастирот има богослужби, а славата е во август на “Свето Преображение”. Монасите изработуваат икони во традиционална техника, со позлата од 24 каратно злато и природни бои.

Конаците дишат во камено руво со чистина и свежина. Интимниот амбиент во дворот хортикултурно среден во зимзелен декор, го надополнува мал рибник и дрвена ниска масичка како синија околу која се наредиле како бисер троножни столчиња. Мачки  се плеткаат низ манастирот, правејќи метеж.

Манастирот е пристапен и е импресивен во сите четири годишни времиња. Намерникот кој ќе го посети ќе биде воодушевен од божјата милост и духовниот мир. 

Loading